fbpx

Состанок на Советот за општи работи на ЕУ: фокус на проширувањето и владеењето на правото

Оваа статија ја засноваме на прес-конференциите пред и по Самитот, но и на материјалот за негова подготовка, изработен од невладината ИДЕА (Меѓународен институт за демократија и изборни системи)

-

Токму затоа што беше неформален, од неодамнешниот состанок на Советот на ЕУ за општи работи, немаше завршен документ. Оваа статија ја засноваме на прес-конференциите пред и по Самитот, но и на материјалот за негова подготовка, изработен од невладината ИДЕА (Меѓународен институт за демократија и изборни системи).

Дел од овој состанок беше посветен на одбележувањето на 20-годишнината од големото групно проширување на Унијата во 2004 година. Улогата, пак, на овој состанок на министрите за надворешни/европски прашања е да ја држи расправата за натамошното проширување отворена, но и да ја продлабочи, идентификувајќи ги клучните прашања. Не е тајна дека постојат разлики меѓу државите членки. Сегашната дискусија оди во насока како да се премостат тие разлики, иако некои од нив во моментов изгледаат непремостиви.

Веќе е позната синтагмата дека двете страни треба да бидат подготвени за проширување, но прашањето е како, а притоа Унијата да остане цврсто зад своите вредности.   Оттаму, анализата и дебатата не се фокусира само на улогата на владеењето на правото во политиката на проширување, туку и интерно – во рамките на Унијата. Продолжението е најавено за јуни, кога лидерите на ЕУ треба да усвојат патоказ за реформите.

Во извештајот на ИДЕА се признава дека конвергенцијата на државите кандидати со просекот во ЕУ во областа на владеењето на правото е бавна и дека последнава декада нема значаен напредок, а некаде има и назадување. Меѓутоа, објективно се оценува дека разликите не се големи или во некои области вооошто ги нема со некои од државите членки. Истовремено, голема е разликата и меѓу источните земји и другите членки на ЕУ.

Иако анализата констатира дека системските недостатоци во владеењето на правото кај кандидатите се почесто политички мотивирани, одошто предизвикани од технички причини, не го споменува изгубениот кредибилитет на ЕУ како една од причините за отсуство на мотивација и напредок кај државите кандидати. Покрај препораката за јасни политички пораки од страна на ЕУ, се предлага и обновување на (изгубената) улога на годишните извештаи на ЕУ, подобра координација на иницијативите од страна на ЕУ, засилено учество на невладините организации, постепено вклучување на кандидатките во внатрешниот систем на владеење на правото на ЕУ, но и преиспитување на институционалната структура во ЕУ за проширување (враќање на Генералниот директорат за проширување). Препораката што доби повеќе политичко внимание е зајакнување на условеноста поврзана со владеењето на правото за фондовите од ЕУ, на чие воведување и примена ЕУ посвети значително внимание последниве години.

Во поглед на мерките што ЕУ треба да ги презема внатрешно, ИДЕА, меѓу другото, препорачува зајакнување на правните инструменти за владеењето на правото, особено поврзано со единствениот пазар, како и прилагодување и усогласување на методологиите за следење – внатрешно и надворешно, поголема транспарентност во примената на условеноста, како и поголем буџет наменет за владеењето на правото.

Според ИДЕА, инструментите на владеењето на правото за кандидатите и за државите членки би требало да се изедначат, за што според нив би била неопходна измена за договорите за ЕУ, внесување на одредбите за владеењето на правото во пристапните договори, но и проширување  и прецизирање на надлежностите на ЕУ во областа на владеењето на правото. Според претседавачката на Советот, белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лабиб реформа на договорите на ЕУ би можела да дојде предвид само на долг рок.

Сепак, на крајот е најважен политичкиот супстрат извлечен од овој неформален состанок. Потпретседателката на Европската комисија одговорна за вредности и транспарентност Вер ги изложи клучните прашања кои се предизвик за проширувањето и за кои постојат различни ставови меѓу државите членки:

  • Прашањето на вето од поедина држава членка;
  • (Не)функционалноста на членот 7 од Договорот за ЕУ (суспензија на права на држава членка што ги крши правата на ЕУ);
  • Буџетот.

На овие прашања се очекува да се кршат копјата во следниов период.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...