Кадар од видео-клипот со кој се промовира Српската социјалистичка партија и Ивица Дачиќ

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ се дистанцира од предизборниот спот кој на Твитер го објави Бранко Ружиќ, потпретседател на Главниот одбор на неговата партија.

Обајцата политичари се и министри во коалиционата влада на Република Србија. Дачиќ е прв потпретседател на владата и министер за надворешни работи, додека Ружиќ е министер за јавна администрација и локална самоуправа.

Видео-клипот објавен на 31 мај со порака „До победа! #социјалисти“, прикажува компјутерска анимација на толпа сиви луѓе која доаѓа на поклонение пред билборд со слика на Дачиќ, со музичка подлога од панк верзија на антологиската песна на Ѓорѓе Балашевиќ „Рачунајте на нас“ (Сметајте на нас) од 1978 година.

Твитот на Ружиќ за само два дена доби над 80.000 гледања и стотици негативни реакции, со кои видеото е означено како „морничаво“ а ликовите во него, кои го претставуваат гласачкото тело на СПС, се идентификувани како „зомби“.

Парламентарните избори во Србија се закажани за 21 јуни.

Во изјава објавена на веб-сајтот на Социјалистичката партија на Србија, Дачиќ рекол дека спотот не е официјално објавен од страна на партијата, туку бил „самостојна креација“.

„Тоа не е предизборен спот, и нема врска са СПС. Тоа е самостојна креација која се појавила на социјалните мрежи. СПС уште не ги пуштил своите спотови,”  изјавил Дачиќ.

Социјалистичката партија на Србија, тогаш предводена од Слободан Милошевиќ, беше на власт од 1990 до 2000 г. во времето кога земјата водеше неколку крвави војни во регионот. Затоа некои од реакциите на видеото, а особено на текстот на твитот „до победа!“ се осврнуваат и на тој багаж, споменувајќи ги „победите“ во Вуковар, Сараево, Сребреница, Косово.

По неколку години минати во опозиција, СПС од 2008 година е дел од владеачките коалици во кои пресудна улога има Александар Вучиќ, кој како тогашен радикал беше и министер за информации во деведесеттите.

Ѓорѓе Балашевиќ беше еден од неколкуте познати српски уметници кои се спротиставуваа на политиките на СПС во времето на Милошевиќ.