Цвет, солзи и пишан збор за збогум: Расплаканите другари се простуваа со нивната другарка Вања

Расплакани деца, расплакани наставници и родители, со цветови во рацете и наведнати глави, чекаа во ред да се потпишат во книгата на жалост, која беше отворена утрово за Вања

Фото: Мета.мк

Молк, солзи и траурна атмосфера денеска владееше во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“. Расплакани деца, расплакани наставници и родители, со цветови во рацете и наведнати глави, чекаа во ред да се потпишат во книгата на жалост, која беше отворена утрово за убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска.

Голема слика со нејзиниот лик, прекриена со црна лента, беше поставена на катедра пред влезот на училиштето.

„Брат, ја нема повеќе. Разбираш? Ја нема”, му рече едно од децата на неговиот соученик, кое чекаше во ред да остави последна порака во книгата на жалост.

И наставничката на Вања која ја учела во одделенска настава, а која е сега пензионирана, дојде да се потпише во книгата.

„Што да ви кажам, девојчето беше добро. Мирно, непроблематично, беше дете за пример. Ова сите силно не погоди”, зборуваше наставничката со солзи во очите.

И нејзина другарка од одделението кажа Вања била добра другарка.

„Беше добра другарка, добродушна соработлива, мирна. Се дружеше со сите. Ние цело време мислевме дека е отидена некаде и дека ќе се врати, тоа ни даваше надеж. Никој не очекуваше ваков крај“, рече девојчето.

Денеска во ова училиште не се знае на кој начин ќе биде организирана наставата. Директорката на училиштето Катерина Атанасова за Мета.мк одби да даде изјава и да каже како ќе биде организирана истата и дали деновиве ќе има некакви промени.

Последна почит за убиената Вања утрово дојде да искаже и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека сите граѓани кои сакаат да оддадат почит можат да дојдат во основното училиште и да се потпишат во книгата на жалост. Училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ во соработка со повеќе психолози е подготвено за поддршка за учениците и за комуникација со нив, на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.