fbpx

Црквата подалеку од женските права – реакција на Платформата за родова еднаквост

Од Платформата велат дека на трибина организирана во Струмица минатиот петок, која била пренесена од повеќе медиуми, епископот Јован Стобиски заговарал против донесувањето на Законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатното сексуално образование

-

Во секуларна држава, мислењето на црквата е нерелевантно во креирањето на политиките за родова еднаквост, реагира Платформата за родова еднаквост, остро спротивставувајќи се на, како што велат, делувањето на Македонската православна црква (МПЦ) против донесувањето на Законот за родова еднаквост и воведувањето сеопфатно сексуално образование во училиштата.

Од Платформата велат дека на трибина организирана во Струмица минатиот петок, која била пренесена од повеќе медиуми, епископот Јован Стобиски заговарал против донесувањето на Законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатното сексуално образование. Платформата за родова еднаквост ваквото делување на црквата го оценува како антиженско, антихуманистичко и противуставно, бидејќи претставува „замешување на религијата во носењето на законите“.

„Со ваквото делување се напаѓа уставниот поредок според кој Северна Македонија е секуларна држава, што значи дека МПЦ или која било друга верска организација не треба да се впушта во обликување на закони и политики кои не го уредуваат работењето на верските заедници. Со ваквото делување МПЦ уште повеќе се етаблира како организација која шири мизогинија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството. Епископот оди дотаму што го оспорува самиот термин родова еднаквост! Оттука, логично произлегува заклучокот дека според црквата мажите и жените не се еднакви, па не треба да се донесуваат закони кои ја гарантираат нивната еднаквост“, реагира Платформата за родова еднаквост и предупредува дека ваквото делување на МПЦ е загрижувачко и опасно за целото општество.

„Црквата не го прави ова без интерес! Афирмирањето и зачувувањето на шовинистичките вредности според кои жените им се подредени на мажите, ѝ овозможуваат на Црквата да ја зацврстува својата политичка и економска моќ, преку ширење религиозни догми, манипулација со стравовите на луѓето и контролирање на политичкиот дискурс“, стои во реакцијата на Платформата.

Платформата за родова еднаквост додава дека кога црквата си зема за право да се меша во носењето закони, тоа секогаш значи заговарање на решенија кои ќе ѝ донесат поголема моќ, наспроти интересите на граѓаните.

Од Платформата го осудуваат и настапот на Венко Андоновски, за кој велат дека на трибината бил во улога на верник, а не на универзитетски професор, кој нема никаква експертиза во областа на родовата еднаквост.

Платформата го осудува и учеството на претставници на локалната самоуправа и Советот на Градот Струмица, оценувајќи го истото како скандалозно, бидејќи со своето присуство му дале легитимитет на форумот како база за линчување на активистки и неистомисленици.

„Од една страна, централната власт предводена од СДСМ се обврза да работи на промоција и унапредување на родовата еднаквост и да ја приближи земјата кон стандардите на ЕУ, а од друга, локалната власт во Струмица предводена од истата партија учествува во организирање настани на кои се линчуваат активистки и организации за родова еднаквост и се шират лажни информации“, се вели во соопштението на Платформата и се додава дека очекуваат Законот за родова еднаквост да се донесе во најкус можен рок со поддршка од сите политички партии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...