fbpx

ИРЛ за „Нечиста крв“ ја доби наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на интернет-страницата на ИРЛ

-

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на интернет-страницата на ИРЛ.

„Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман“, велат од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) – организатори на конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“.

Наградата за најиновативен новинарски производ ја доби новинарката Кристина Атовска за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Преку видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја.

„Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво“, објаснуваат од МИМ.

Наградата за најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на интернет-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува од 2001 година, додека од 2013 година оваа награда го носи името на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории – најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...