fbpx

Четиричлено семејство, ако купува производи на попуст и оди на одмор во Дојран, ќе преживее со 56.522 денари месечно

Со новите повисоки цени, на едно семејство ќе му бидат потребни 56.522 денари на месечно ниво, доколку немаат изнајмено стан под кирија, немаат кредити и доколку не им се расипе автомобилот, покажува најновата Синдикална минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изработена според нова методологија

-

Семејство од двајца родитела и две деца кои се ученици живеат во сопствен стан од 60 квадрати во Скопје. Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите, барајќи ги тие со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството. Кога купуваат облека, секогаш предност им даваат на производите кои имаат попуст. Имаат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни.

За да можат да го направат сето ова, на ова семејство ќе му бидат потребни 56.522 денари на месечно ниво, доколку немаат изнајмено стан под кирија, немаат кредити и доколку не им се расипе автомобилот.

Ова го покажува најновата Синдикална минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), која пред јавноста беше презентирана денеска, а нејзини автори се Никола Поповски и Драган Тевдовски. Новата методологија на минималната синдикална кошничка покажува загрижувачки трендови во однос на стандардот според кој треба да живеат македонските граѓани. Во неа детално се пресметани новите, повисоки цени на производите.

Првпат синдикалната минимална кошница во земјава беше претставена пред 12 години, и истата според авторите, содржела низа недостатоци кои истата ја прават неадекватна и несоодветна на променетите потреби на современо четиричлено семејство кое треба да има пристојни услови за живот и да го надмине прагот на сиромаштијата.

Споредено со досегашната синдикална минимална кошница, во новата во делот за храната и пијалоците се утврдени поголеми и релани количини за исхрана кои се предвидени според стандарди за реаленбиохемиски состав потребен за одржување на оптимален животен и работен капацитет на членовите на семејството. Додадени се нови и исто така проширени се артиклите кај облеката и обувките што се одраз на
реалната потреба на едно четиричлено семејство. Во делот трансопртот новина е автомобилот, кој е потреба на секое семејство за извршување на секојдневните активности на семејството. Исто така додадени се трошоците за образование што се неопходни во целокупниот процес на образование кај децата. Кај здравјето додадени се основните пакети за превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Во делот ресторани и хотели додадено е дека семејството може да си дозволи два пати месечно конзумирање храна од сендвичара и да си дозволат еднаш годишно во јуни месец да одат на одмор во бунгалов во Дојран во траење од 7 дена, пишува во публикацијата.

Со ова, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2023 година со новата методологија изнесува 56.522 денари, додека по старата методологија за месец ноември изнесува 44.699 денари, и е номинално зголемена за 11.823 денари, односно за 26,45 отсто.

Новата синдикална минимална кошничка

Новата структура на новата синдикалната минимална кошница се состои од 11 групи и може да се види на овој линк.

Крик за зголемување на платите

Според објавената публикација, трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство се зголемени и ако до пред новата анализа биле потребни две минимални плати за да ја покријат синдикална минимална кошница, според новата пресметка на новата синдикална минимална кошница во овој момент потребни се една просечна плата и една минимална плата за да ја покријат истата.

Вредноста на синдикална минимална кошница постојано е во раст иако во првите години растот е минимален, за разлика од 2022 година кога е порасната за 47,82% во однос на првата, тоа покажува за постојаниот реален раст на трошоците на живот на едно четиричлено семејство

Досегашните анализи покажуваат дека работникот кој прима просечна исплатена плата во државата која се движи во последните четири години од 27.500 денари до 37.800 денари, може да подмири од 77- 85 проценти од најнеопходните потереби на неговото четиричлено семејство имајќи ја во предвид досегашната вредност на синдикална минимална кошница.

Според новата новата методологија за пресметка на моинимална синдикална кошница вредноста на кошницата од 56.522 денари, просечната плата може да подмири 67,01 отсто од вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката .

„Со минималната плата од 20.175 денари во месец ноември 2023 година, се покриваат 45,14 отсто од трошоците пресметани во синдикална минимална кошница, која за месец ноември изнесуваше 44.699 денари, новата вредност на кошницата со минимална плата ке биде покриена само 35,69 проценти“, пишува во публикацијата.

Инаку, во Црна Гора вредноста минималната кошничка изнесува 1850 евра, и во споредба со македонската е поголема за 957 евра, во Босна и Херцеговина вредноста на СМК е 1.263 евра и во споредба со нашата поголема е за 370 евра, додека кај соседна Србија изнесува 425 евра и е помала од нашата за 468 евра (во Србија кошничката ја изработува Министерството за внатрешна и надворешна трговија).

ССМ смета дека сите овие согледувања за зголемување на трошоците на живот и потребата од реално пресметување на синдикалната минимална кошница треба да преставуваат појдовна основа за креирање на политиките и стандардите за зголемување на сите плати во државата, најмалку за растот на трошоците на живот за да се задржи куповната моќ на граѓаните.

Сето тоа ќе обезбеди подобар животен стандард и надминување на прагот на сиромаштијата на поголем број на работници и нивните семејства, велат од ССМ, додавајќи дека во март 2024 година со усогласувањето на минималната плата да настапи и усогласување со истиот раст на зголемување и на останатите плати на вработените.

Новата пресметка на синдикалната минимална кошница, според ССМ, треба да биде будење за сите работодавачи, централната и локалната власт за веднаш да пристапат кон зголемување на платите на вработените.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...