Чаeви за слабеење, тревки и капки против стерилитет и висок притисок – колку се безбедни додатоците во исхраната?

Алергиски реакции, тахикардии, висок притисок, се само некои од тегобите кои ги имале граѓани кои користеле додатоци во исхраната што ги нарачале онлајн, а кои ги пријавиле во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ)

Фото: Michal Jarmoluk from Pixabay

Чаеви за инстант слабеење, производи од тревки што лечат стерилитет и ХПВ вируси, капки што лечат висок притисок, различни додатоци кои служат за лечење хемороиди, простата се само дел од додатоците во исхрана, кои секојдневно се нудат на продажба на социјалните мрежи. Тие содржат здравствени тврдења, за кои не се знае дали и колку се точни. Ако нарачате некој од производите, не треба да ве чуди ако не добиете фискална сметка, ниту пак, може да дознаете кој стои зад профилот што „продава“ и неговата адреса.

Алергиски реакции, тахикардии, висок притисок, се само некои од тегобите кои ги имале граѓани кои користеле додатоци во исхраната што ги нарачале онлајн, а кои ги пријавиле во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).

„Ние добиваме пријави од потрошувачи кои биле измамени при користењето додатоци во исхраната што ги нарачале онлајн, од аспект на тоа дека купиле производ кој бил небезбеден па им предизвикал алергиски реакции и други здравствени проблеми. Или пак, добиле производ кој не го очекувале, на пример, платиле за алое вера, а добиле вода“, вели Мартина Грнчаревска од ОПМ.

Микробиологот проф. д-р Никола Пановски во неколку наврати беше злоупотребен кога станува збор за рекламирањето на вакви производи.

„Моето име беше злоупотребено при рекламирањето на најмалку десет прозводи. Ме направија и кардилог и кардиохирург, беа објавени измислени интервјуа со мене, се работеше за некаков чај за чистење крвни садови, кој во продавница чинеше 100 денари, се продаваше за 4.800 денари. Има две групи додатоци, оние што се регистрирани и што се рекламираат и по телевизии и за кои има докази дека се безбедни, а има и такви кои не се одобрени од никого. Кај нас додека не умре некој, нема ништо да се преземе. Имаше случај со девојче кое верувајќи дека додаток во исхрана ќе ја излечи од шеќер, престанало да ја зема инсулинската терапија и падна во дијабетична кома“, вели Пановски.

Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), односно секторот за храна од неживотинско потекло, има објавено Регистар на производи што ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана. Во овој регистар може секој да се информира за тоа, дали производот што сака да го купи и консумира, е безбеден.

Во АХВ апелираат граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации за продажба на додатоци во исхраната преку социјалните мрежи и преку веб платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, бидејќи производите може да бидат и небезбедни, без оглед дали се работи за производи од домашно производство или од увоз.

„Инспекциските служби на АХВ вршат контроли на работењето на одобрените/регистрираните оператори со храна и со додатоци во храната, односно, на сите компании кои се дел од легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние кои вршат електронска продажба на своите производи. Купувањето на вакви производи преку социјалните мрежи и веб платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, без потрошувачите претходно да се информираат дали истите се одобрени или не, е на нивна лична одговорност“, велат оттаму.

Инаку, на оваа категорија продавачи, одговорните во АХВ немаат можност да направат контрола, бидејќи лицата се непознати и се со непозната адреса.

„За утврдување на автентичноста на профилот од каде се врши продажбата и за откривање на лицето-сопственик на Фејсбук профилот, АХВ соработува со Министерството за внатрешни работи. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на додатоците во храната, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на [email protected], или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22“, потенцираат во АХВ.