Новинарските здруженија, невладините организации и политичките партии од земјава бурно реагираа по вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев, во која коментирајќи го предметот „Рекет“, тој кажа дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја срушат актуелната влада.

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побараа премиерот веднаш да се извини на новинарите, а пред сè на новинарот Бранко Героски, доколку оваа изјава била упатена кон него.

„Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Претседателот на Владата може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразување“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Самиот Героски во изјава за телевизија „Алфа“ вчеравечер рече дека по изјавата на Заев, тој станал мета на организирани напади на социјалните мрежи, за кои тој вели дека се „сдсмовски ботови“.

„Секој може да види на мојот Фејсбук профил и каква лавина од агресија таму се истура, тоа дефинитивно ме вознемирува мене и моето семејство“, посочи новинарот Бранко Героски.

И од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ја осудуваат изјавата на премиерот Зоран Заев, барајќи тој да се извини за кажаните зборови.

„Политичарите, а особено оние на највисоки функции мораат да бидат внимателни при своите изјави бидејќи една несоодветна изјава може да предизвика штети од несогледливи размери како кон поединци, така и врз слободата на изразување“, велат од ССНМ.

Од Македонската асоцијација на медиуми (МАН) за вчерашната изјава на премиерот Заев посочија дека претставува директна закана кон медиумите, новинарите и формите на слободно изразување. И тие побараа од премиерот извинување за дадената изјава.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на својот Фејсбук – профил напиша дека ЛГБТИ – заедницата во земјава нема да му ја прости дадената изјава на премиерот Заев.

„Гнасно по многу основи! Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било сѐ што се збореше и правеше претходно“, напиша Уранија Пировска.

И од политичките партии не одмина реакција на кажаните зборови во вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев.

Од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ велат дека Заев бил во очевидна паника по доказите што излегуваат во јавноста за случајот Рекет.

„ВМРО – ДПМНЕ најостро ги осудува навредите и заканите на Заев кон новинарите кои го обелоденија неговиот криминал. ВМРО – ДПМНЕ ги осудува и навредите врз основа на сексуалната определба“, гласи соопштението од оваа партија.

Самиот премиер Зоран Заев по дадената изјава на медиумите се обиде да се корегира преку порака објавена на „Твитер“. Тој се извини на ЛГБТИ заедницата, нагласувајќи дека ќе се бори за нивните права како и досега.

„Пред да го употребам зборот „педер“ упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност“, напиша премиерот Заев на „Твитер“. И покрај ваквата реакција од негова страна, во напишаното нема извинување и за „суетниот новинар“, кој беше споменат од него во дадената изјава.