fbpx

Британскиот амбасадор Лосон на дебата за родовата нарација во британската книжевност и култура

Во Институтот за македонска литература, а во соработка со Британската амбасада во Скопје, платформата за креативен дијалог и критичко размислување „Книжевни рефлексии“ ја продолжи мисијата за поврзување на британската и македонската книжевност

-

Во Институтот за македонска литература, а во соработка со Британската амбасада во Скопје, платформата за креативен дијалог и критичко размислување „Книжевни рефлексии“ вчера ја продолжи мисијата за поврзување на британската и македонската книжевност и култура со втората дебата на тема „Родовата нарација во британската книжевност и култура“.

Адресирајќи горливи општествени прашања како родова еднаквост, слобода на говор, цензурирана книжевност, гласот на маргинализираните, медиумска писменост и друго, авторката и раководителка на проектот, Ана Јовковска, рече дека целта на „Книжевни рефлексии“ е преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата во локалната средина.

Учесници во дебатата беа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и универзитетските професорки и писателки Ана Мартиноска и Калина Малеска.

„Унапредувањето на родовата еднаквост, спречувањето на родово базираното насилство, промовирањето на правата и слободите на жените не се само вистинските работи што треба да се направат – тоа е политика од која сите имаат придобивки. Тоа неодамна го направивме и со објавувањето на „Меѓународна стратегија за жените и девојките 2023-2030“, која се фокусира на справувањето со родовата нееднаквост низ светот и на спротивставувањето на какво било уназадување на правата и слободите на жените“, рече амбасадорот Лосон.

Проф. д-р Калина Малеска вели дека традиционално се претпоставува дека книгите од мажи писатели се од интерес за сите, а книгите од жени писателки се повеќе од интерес само за жените.

„Не само што не е така, туку и книгите кои застапуваат патријархални гледишта, па дури и да се напишани од еминентни писатели, стануваат сè помалку релевантни. Приказните на Зејди Смит, пак, се често приказни за миграции, за трагите од колонијализмот, за внатрешниот конфликт на ликови дојдени во Британија од други култури, кои постојано преиспитуваат колку можат да инкорпорираат делови од својата култура, а сепак да припаѓаат и на културата во која дошле да живеат“, вели Малеска.

Според проф. д-р Ана Мартиноска, разговорот за родовата нарација мора да започне со потрага по претходничките.

„Вирџинија Вулф е подеднакво значајна и за книжевноста и за феминизмот. Во нејзиниот култен есеј ‘Сопствена соба’ не само што ги анализира неопходните предуслови за една жена да се занимава со книжевност и тврди дека „жената мора да има пари и сопствена соба за да може да пишува романи“, туку ги отвора и сè уште актуелните прашања за пристапот на жените до образование, машките канони во историјата на книжевноста и немањето традиција на која жените можат да се угледаат, па токму затоа и ги слави првите писателки во англиската книжевност како Џејн Остин, Џорџ Елиот и сестрите Бронте“, рече Мартиноска.

Фото: Британска амбасада, Скопје

„Приказната за Франкенштајн е многу повеќе од хорор-приказна. Некои ја нарекуваат и Химна на отфрлените толкувајќи дека тоа чудовиште сепак има потреба за нежност, за љубов, за блискост. И веројатно затоа ќе го поттикнеме прашањето: дали оние кои денеска експериментираат со емоциите „вбризгувајќи ги“ во т.н. хуманоидни роботи го прочитале ова ремек-дело на Мери Шели? Дали Франкенштајн од 19 век станува Сајберштајн во 21 век? Премногу сличности за да можат да се игнорираат. Стравувам дека на тенкиот мраз на животот можеме да се најдеме сите на оваа планета. Доволен е само еден вирус и една молња“, изјави Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура на РСМ.

Во интерактивната дебата учествуваа и голем број писатели, уредници, издавачи, уметници и професори меѓу кои Наташа Аврамовска, Елена Јованова Ѓуровска, Анастасија Ѓурчинова, Дита Старова Ќерими, Гоце Смилевски, Соња Стојменска-Елзесер, Лидија Капушевска-Дракулевска, Маја Јакимовска-Тошиќ, Кристина Хаџи-Василева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Лени Фрчковска, Ана Василева, Милан Дамјановски и други.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...