Битиќи ќе иницира работна група за креирање Национална стратегија за вештачка интелигенција

Фото: Possessed photography, Unsplash

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во Владата ќе иницира работна група која би работела на Националната стратегија за вештачка интелигенција. Битиќи го најави ова на последниот настан на #FITRClassroom, организиран од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

„ФИТР ќе продолжи да биде двигател на промените во општеството. Затоа ќе иницирам во Владата да се креира работна група која ќе работи на Националната стратегија за вештачка интелигенција, која ФИТР институционално ќе ја предводи. А која потоа ќе влезе и во големата слика за развојот на државата, а тоа е Националната развојна стратегија 2021-2041”, рече Битиќи.

На настанот се разговараше за предизвиците и можностите со кои се соочуваат иновативните компании од областа на вештачка интелигенција во РСМ, а свои размислувања и искуства на темата презентираа претставници на компании успеале да развијат успешни проекти од оваа индустрија: Светлана Кордумова Трајанова-Pixyle.ai, Христијан Ѓорески од Aidea Lab, Нино Карас од Codewell unlimited, Дашмир Истрефи од Hoyo Tech и Александар Савески од компанијата Si-mAInd.

Директорот на ФИТР, Коста Петров смета дека со креирањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција ќе им се даде шанса на многу иновативни стартап компании да ги реализираат своите идеи и проекти.

“Оваа индустрија има голем потенцијал за развој во нашата земја, но сепак факт е дека потребни им се огромни финансиски средства на компаниите за да започнат. Бројката од 6 компании од областа на вештачка интелигенција кои се поддржани од ФИТР, во износ од 441.737 евра, се надевам дека во иднина ќе прерасне во многу поголема бројка на иновативни компании кои сме ги поддржале”, истакна Петров.

Пристапот до дата центри, потребата од соодветно образование како и потребата од моќна опрема се главните предизвици со кои се соочуваат компаниите кои развиваат иновации базирани на вештачка интелигенција, истакнаа претставниците. Сепак, сите се сложни дека донесувањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција ќе им донесе многу придобивки за нив како компании кои веќе развиваат иновации, но и за сите кои сакаат да започнат да развиваат во оваа насока.