Биљана Ливанчиќ – Милиќ е во новинарството од 2004 година, а од март минатата година работи за raskrinkavanje.ba, една од најактивните балкански платформи за проверка на факти и разоткривање на медиумските манипулации. При нејзината посета на Скопје минатата седмица, разговаравме за најчестите проблеми во Босна и Херцеговина (БиХ) на планот на лажните вести. За Северна Македонија Ливанчиќ – Милиќ вели дека не е предмет на манипулации пласирани во медиумите во БиХ.

Општо земено, какви дезинформации и медиумски манипулации се пласираат во БиХ?

„Раскринкавање“, односно Здружението на граѓани „Зашто не“ во мај годинава претстави истражување на размерот и опсегот на дезинформации во онлајн-медиумите, коешто е прво од таков вид во Босна и Херцеговина. Истражувањето е базирано на материјалот што беше предмет на анализи на „Раскринкавање“, а бил објавен во повеќе од 450 онлајн-медиуми. Тоа ни даде увид во шемите на креирање и ширење на дезинформациите на кои се изложени граѓан(к)ите во БиХ, но и во регионот.

Лажните вести, односно пренесувањето на лажните вести и кликбејтите се најчестите облици на медиумски манипулации. Откако мигрантската криза стигна во БиХ, мигрантите се честа тема на дезинформации. Меѓутоа, начинот на претставување на мигрантите во медиумите е главно пристрасен и често ги претставуваат како орди луѓе што уништуваат имот, крадат, а честопати и како инфилтрирани припадници на Исламска држава и терористи. Имавме најмалку два случаи во кои мигранти беа обвинети за кривични дела што биле извршени од граѓани на БиХ. Се создава генерална недоверба кон целиот тој процес на економски миграции што минуваат низ Босна и Херцеговина и медиумите најчесто се негативно настроени кон мигрантите.

Често се среќава и измислување изјави на политичари. Еве, да речеме, еден посвеж пример, е измислената изјава на Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА), која вели дека се работи на нацрт-закон со кој ќе се забрани аплицирање за визи на сите граѓани што не биле најмалку две години пријавени во биро за вработување. Тоа е целосно измислено.

Добро, колку медиуми ја проголтаа таа јадица?

Сериозните медиуми не објавуваат такви статии, а ова е добар пример како се заработува од лажните вести. Она што се добива со вакви статии се кликови и грди и простачки коментари.

Тоа веќе го начнавме како прашање… Значи, дали медиумите се извор на дезинформации, лажни вести или само пренесуваат нечии туѓи наративи, да речеме, од политичарите?

Што се однесува до медиумската слика, нашето истражување покажа дека повеќе од 60% од погрешните или измамнички содржини што се објавени во медиумите се однесуваат на политички теми.

Во случајот на јавните медиуми, тешко е да се раздвојат медиумот од политичарот на власт. Покрај јавните медиуми, дезинформациите што одат во прилог на агендите на политичките и државните фигури може да се најдат и во комерцијалните медиуми. Во голем број се присутни и „опортунистички дезинформатори“, коишто користат анонимни портали и профили на социјалните медиуми, најчесто со финансиски придобивки како мотив. Пример за тоа е токму лажната вест за Изетбеговиќ.

Влијанието на политичките и државните фигури беше многу очигледно во текот на протестите „Правда за Давид“ што се одржуваа во Бања Лука минатата година. Давид е момче што беше убиено во март 2018 година, а неговата смрт првично беше квалификувана како несреќен случај, со голем број нелогичности и обиди за заташкување. По повторната обдукција, случајот стана истрага за убиство којашто не мрдаше во ниеден правец.

Додека траеја протестите, анонимниот портал „Infosrpska“ објави дезинформација чија цел беше да се дискредитираат протестите што беа во фокусот на вниманието на целата јавност во БиХ, и таа вест, без какви било проверки, два часа подоцна заврши во два јавни медиума – Новинската агенција „СРНА“ и во Радио Телевизија на Република Српска (РТРС). Значи, два јавни медиума објавија лага што беше пласирана од анонимен медиум, а која лесно можела да се провери пред објавување.

Оваа шема се повторуваше повеќе пати. Поголемиот дел дезинформации за „Правда за Давид“ се пренесуваше понатаму во Србија, каде што таблоидските наративи беа на линијата „уривање на Република Српска“. Исто така, дезинформациите исковани во таблоидите во Србија се дистрибуираат во БиХ преку истите, споменатите медиуми.

Во овој контекст, колку често се случува некој дезинформациите од социјалните медиуми грубо да ги преземе и да ги објави на портали?

(Се смее) Го има, го има и тоа прилично.  Од Фејсбук главно пристигнуваат псевдонаучни содржини и дезинформации чија цел се човечките емоции – најчесто стравот. Имавме и случај со лажна вест за портокали во кои била „вшприцувана“ крв од човек заразен со ХИВ. Тоа премина од социјалните медиуми во онлајн-медиумите. Исто така, многу дезинформации за вакцините излегуваа од рамките на социјалните мрежи во онлајн-медиумите.

Ние зборуваме за БиХ во принцип, но постојат ли некои разлики помеѓу пласирањето дезинформации во медиумите во Република Српска и оние во Федерацијата БиХ?

Секако дека има разлики. Во Република Српска медиумите се главно под влијание на државната пропаганда и се промовира наративот на владејачката политичка партија. Многу се малубројни независните медиуми во овој ентитет.

Во Федерацијата тоа е малку поинаку, поради инаквите политички прилики, медиумската слика е многу фрагментирана и не постои „официјална“ државна пропаганда. Постојат мрежи на портали што се поврзани со политичките партии. Медиумските манипулации се малку посуптилни и се огледаат во изоставање битни информации со цел политичкиот противник да се прикаже во лоша светлина.

Летоска имавме пример на една суптилна манипулација од медиуми близок до партијата СДА, којашто требаше да ја покаже неспособноста на владејачката структура во Кантонот Сараево.  Во статијата споредија два тендера за набавка на тролејбуси, еден за Сараево, за друг за Каунас, Литванија – коишто во основа се неспоредливи, бидејќи не станува збор за ист број возила, ниту за иста големина и тип на возила, итн. Ги споредуваа бројките и цените и утврдија дека владата на Кантонот Сараево купува возила по значително повисока цена од Каунас.

Исто така, „фармите“ на портали, односно „опортунистичките дезинформатори“, коишто користат лажните вести за профит се повеќе застапени во Федерацијата Бих, додека во Република Српска уште не сме идентификувале ниту еден таков случај.

Што прават властите на планот на сузбивање на дезинформациите, лажните вести?

За жал, малку се работи на тој план. Пишувањето на Законот за транспарентност на онлајн-медиумите е процес што трае веќе со години, најмногу поради неефикасноста на системот. Тука е Советот за печат, којшто е саморегулаторно тело за печатените и онлајн-медиумите и функционира на принципот на саморегулација и всушност е реактивно тело.

Меѓутоа голем број медиуми немаат никаква поврзаност со Советот за печат, ниту пак тој може да влијае на нив. Имено, „Раскринкавање“ во својата база на податоци има околу две илјади што објавиле некој вид медиумска манипулација и поголемиот дел од тие медиуми немаат никакви податоци за сопствениците ниту за уредниците, така што, во тој контекст, Советот за печат нема можности да дејствува.

Имало ли некои судски процеси во врска со нешто објавено во медиумите, некои тужби за клевета, дезинформации?

Можно е да имало, но јас никогаш не сум се занимавала со тој аспект на медиумската слика. Имено, „Раскринкавање“ не врши пријавување на медиумите до регулаторите, така што немаме информации дали нешто завршило на суд.

Колку во медиумите во БиХ (и, ако може притоа да разграничите на Република Српска и на Федерацијата БиХ) е присутна Македонија?

Во смисла на напредокот кон НАТО и Европската Унија, тие информации за Северна Македонија се многу следени во БиХ, но не би можела да раздвојам по ентитети.

А во врска со промената на името?

Па промената на името, барем во медиумите што јас ги следам, беше дочекана со големо одобрување, во смисла, кога нешто те кочи во напредокот, и тешката промена е промена што ја води земјата напред.

Не можете ли да се сетите на некои лажни вести во врска со Македонија?

Не можам да се сетам… Не! Навистина не.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.