fbpx

Расте вработеноста, паѓа продуктивноста

-

Економските политики во нашата земја во изминативе неколку години донесоа пораст на бројот на вработени лица и историски најниска стапка на невработеност, кои истовремено се проследени со континуиран пад на продуктивноста на трудот. Тоа го отвара прашањето дали во трката за што поголем број вработени се заборава на спроведување на мерки кои ќе ја поттикнат продуктивноста, што е многу значајно за подобра конкуретност на македонската економија.

Народната банка во новиот квартален извештај информира дека показателите за пазарот на труд во второто тримесечје на 2019 година прикажуваат натамошен пораст на бројот на вработени лица, со слична динамика како и во претходните три месеци.

„Порастот на вработеноста главно произлегува од порастот на бројот на вработените во преработувачката индустрија, од дејностите поврзани со „уметност, забава и рекреација“ и од „административни и помошни услужни дејности“. Истовремено, стапката на невработеност се сведе на 17,5 отсто, што повторно претставува нов историски минимум“, се вели во извештајот.

Од Народната банка велат дека анкетите за деловните тенденции главно посочуваат на зголемен оптимизам во поглед на вработеноста во наредниот тримесечен период, како и дека од аспект на понудата, продолжи годишниот пораст на активното население, тренд којшто беше започнат во последниот квартал од 2016 година.

Сепак, оттаму укажуваат дека во однос на показателите за конкурентноста, во услови на пораст на вработеноста, продолжува умереното намалување на продуктивноста на трудот, а трошоците за труд по единица производ и натаму растат.

„Во услови на посилен пораст на вработеноста од порастот на додадената вредност, продуктивноста на трудот се намали за 2,4 отсто (пад од 1,3 отсто во претходниот квартал). Гледано по сектори, намалувањето во вториот квартал произлегува од падот на продуктивноста во сите три сектори, но во најголема мера се објаснува со пониската продуктивност во услужниот сектор. Продолжениот пораст на платите, при истовремен пад на продуктивноста, доведоа до понатамошно забрзување на порастот на трошоците за труд по единица производ, којшто во вториот квартал достигнаа 8,2 отсто (7,9 отсто во претходниот квартал). Притоа, најголемиот дел од порастот се објаснува со повисоките трошоци во услужниот сектор, при мал пораст на трошоците во индустријата и минимално намалување на трошоците во секторот „земјоделство““, информираат од Народната банка.

На проблемот со продуктивноста на трудот и неодамнешната одлука на Владата да ја зголеми минималната плата се осврна и Меѓународниот монетарен фонд во најновите заклучоци за земјава.

ММФ вели дека покачувањето на минималната плата над 50 отсто од просечната плата може да помогне во намалувањето на сиромаштијата кај вработените лица, но потенцира дека сиромаштијата во нашата држава е многу поголема кај невработените лица.

„Затоа зголемувањето на минималната плата е мерка која можеби нема да биде ефективна во насока на намалување на сиромаштијата во земјата, посебно ако влијае врз формалното вработување. ММФ препорачува да се задржи конкуретноста со минимална плата која ќе биде правопропорционална со продуктивноста и да се осигура дека исплатата вистински се спроведува“, се вели во извештајот на ММФ.

Сличен став имаат и во Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

„Како и „Фајненс тинк“ и ММФ поддржува зголемување на минималната плата, но укажува за штетите кои може да настанат доколку зголемувањето не биде проследено со пораст на продуктивноста. „Фајненес тинк“ ја изрази истата загриженост, според која рапиден пораст на минималната плата може да ја зголеми инциденцата на промени со работните часови, непосакувани интервенции кај прекувремената работа, работата за празници, викенди и ноќна смена, како и да влијае врз зголемување на де-формализацијата на работните места“, велат од Институтот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...