Бесими за граѓанската обврзница: Безризичен инструмент кој ќе им донесе приноси на граѓаните

Тој вели дека овој инструмент има развојна компонента, бидејќи средствата што ќе се обезбедат ќе се инвестираат во проекти кои се планирани со Буџетот кој е насочен кон капитални расходи

Фото: Мета.мк

Издавањето на граѓанската обврзница, како нов инструмент на пазарот, ќе даде можност на граѓаните да ги инвестираат своите пари и за тоа да добијат добри и безбедни приноси, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во гостувањето во емисијата „Вин Вин“ на Телма.

„Воведувањето на граѓанската обврзница како инструмент на финансискиот пазар има повеќе придобивки. Првата е што граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите заштеди во хартии од вредност кои се прилично безризични, носат принос и ја штитат нивната вредност поради инфлацијата. Второ е што со нивното издавање ќе се влијае на развој на пазарот на капитал и ќе се воспостави пракса и граѓаните да се вклучат во тој сегмент. И трето, од кое очекуваме ефекти понатаму, а тоа е да влијае на намалување на готовината во оптек и намалување на сивата економија“, истакна министерот Бесими.

Тој вели дека овој инструмент има развојна компонента, бидејќи средствата што ќе се обезбедат ќе се инвестираат во проекти кои се планирани со Буџетот кој е насочен кон капитални расходи.

Министерот Бесими посочи дека како што е веќе најавено, износот на една обврзница ќе биде 10.000 денари, а каматата ќе биде пониска од онаа што е постигната за еврообврзницата, а повисока од каматата на депозитите.

Тој оцени дека воведувањето на овој инструмент нема да има негативно влијание врз депозитите во банките, бидејќи сумата што е планирана од 50 милиони евра е само 1 отсто од депозитите во банките.

Во однос на справувањето со кризата и намалувањето на инфлацијата, Бесими потенцираше дека фискалната и монетарната политика се во постојана координација и дека фискалната политика помага на монетарната во нејзините напори за справување со инфалцијата.

„Оваа година предвидени се 225 милиони евра во Буџетот за справување со енергетската криза. Досега, односно во текот на 2021, 2022 и од почетокот на годинава од Буџетот се дадени 320 милиони евра за да се обезбеди субвенционирана цена на електричната енергија за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар. Покрај тиe близу 70 милиони евра се приходите од кои се откажала државата со мерката за намалување на ДДВ на електричната енергија за домаќинствата на 5 отсто и 10 отсто од 2021 година до крајот на јуни 2023 година. Тоа се значи директни субвенции за граѓаните од околу 400 милиони евра,“, рече министерот Бесими.

Тој истакна дека Владата секогаш има слух и дека се гледаат сите опции за граѓаните да го амортизираат трошокот на цените на електричната енергија и дека тој процес ќе продолжи и во оваа година и ќе се најде начин тоа да биде најприфатливо за граѓаните.