Балканскиот рис се врати на Галичица

Фото: НП Галичица

Рисот се врати во Националниот парк „Галичица“. По пауза од неколку децении, повторно е евидентирано присуството на балканскиот рис во „Галичица“, објавија денеска од националниот парк. Досега, животното кое е на листите на згрозени видови се сретнуваше најчесто во Националниот парк „Маврово“, а во земјава се претпоставува дека има уште педесетина единки. Фотографиите од рисот биле направени викендов, веднаш до оградата од репроцентарот за европски елен на територијата на паркот, со опрема инсталирана преку проектот naturemk.

Од Националниот парк „Галичица“ велат дека ќе сторат се за планината повторно да стане дом на ова животно.

„Една единка беше снимена на фотозамки, покрај оградата на Репродуктивниот центар за елени на НП „Галичица“. Се надеваме дека оваа голема мачка ќе си го најде својот дом на оваа планина, а ние ќе продолжиме со нашите напори да го зачуваме неговото живеалиште“, велат во националниот парк.

Во Македонија се останати само четириесетина возрасни единки рис, што ова диво животно го става на листата на  Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно. Покрај криволовот и драстичното намалување на неговата храна, срната, илегалната сеча на шумите и напливот на кучиња скитници во руралните делови во земјата, се меѓу главните закани за опстанокот на балканскиот рис. Зачувувањето на рисот повеќе од една деценија е проект на Македонското еколошко друштво кое преку теренски активности за спас на овој вид обележува и следи десетина животни. Тимот на МЕД денеска е на Галичица, каде што се поставуваат нови фотозамки за да се обезбедат и нови фотографии, како и да се документира дали се работи за едно или повеќе животни.

„По децении истражување – конечно, рис и на Галичица! Една од подобрите вести оваа година. Нашиот тим денеска поставува и дополнители камери па се надеваме на уште повеќе информации и добри вести“, пишуваат од МЕД.