Арт(и)золацијата за време на пандемијата Kовид-19 (фото)

Графичкиот дизајнер Небојша Гелевски-Бане изработи уметнички инсталации и фотографии, на кои главниот лик е „научник“ во заштитната облека, кој е персонификација на напорите на обичниот човек да се справи со предизвиците, да гo разбере и да се прилагоди на времето на корона вирус.

„Осаменоста, беззборовната комуникацијата, понекогаш мрачната атмосфера се контрастираат меѓусебно на фотографиите кои прикажуваат и среќни моменти како допир со природата или комуникација со пријател, без вообичаен човечки допир. Криејќи се од вирусот, во постојани промени во расположението, стравовите и надежите, ненадејно откриваме микро космоси кои обично ги занемаруваме. Гледајќи се себеси како предмети, нашите реакции и соодноси, ни отвора фина подлога за размислување: како ќе се промениме? Ќе станеме ли помудри по корона изолацијата?,“ вели Гелевски за пораките од инсталациите и фотографиите кои ги направил дома за време на полицискиот час од 10 до 12 април.

Според дизајнерот, секојдневната интеракција со луѓето, предметите и природата го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества.

„Затворањето во нашите домови, всушност стана можност и отворање на нови перспективи, размислување или преиспитување на нашите приоритети, стравови, нашата интеракција со природата, семејството, пријателите, вредноста на слободата, влијанието на политиката, грижата за менталното здравје, интроспекција на нашето однесување (особено интересни феномени на грабањети тоалетна хартија),“ додава Гелевски.