Aнтикорупциска: Директорите на кардиохирургија и на токсикологија се разрешени незаконски

Според антикорупционерите, двајцата директори биле разрешени незаконски, бидејќи изборите биле во тек, но и управните одбори и здравствените совети на установите, не утврдиле дека постојат основи за разрешување

-

Одговорност за министерот за здравство Илир Демири од надлежните органи ќе побара Државната комисија за спречување корупција, за тоа што, како што велат,  неодамна незаконски разреши на двајца директори на скопски клиники. СТанува збор за д-р Марјан Шокаровски, директорот на Кардиохирургија, како и Данил Петровски од Клиниката за токсикологија.

Според антикорупционерите, двајцата директори биле разрешени незаконски, бидејќи изборите биле во тек, но и управните одбори и здравствените совети на установите, не утврдиле дека постојат основи за разрешување.

На 27 мај Демири го разреши Шокаровски, а причина за разрешувањето кажа дека е тоа што на Клиниката имало пациенти кои не биле регуларно внесени во системот Мој Термин и немале отпусно писмо или прилог кон умреница. Демири кажа дека имало и сомнежи за зголемена смртност во времето на директорувањето на Шокаровски.

По разрешувањето, Шокаровски заедно со неговите колеги од кардиохирургија, излезе на прес-конференција, на која кажа дека не е точно дека е зголемена смртноста на пациенти на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија откако е тој назначен за директор на истата.

„Од јули до мај смртноста постојано се намалува. Низ месеците, тежината на пациентите се зголемува, односно пациентите со тешки состојби, преживуваат повеќе. Согласно анализата која ја направивме, има значајно зголемување на тежината на пациентите за околу 20 отсто, а во исто време има тренд на намалување на смртноста“, кажа Шокаровски, кој искоментира дека министерот во заминување ја обезвреднува макотрпната работа на луѓето кои работат на кардиохирургија.

Инаку денеска, заменичката министерка за здравство д-р Маја Манолева, се сретнала со луѓе од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Универзитетската клиника за токсикологија.

„На средбата беше дискутирано за состојбата и функционирањето на Клиниката. Манолева побара од стручниот и лекарскиот колегиум да дадат предлог за именување на медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот. Претставниците од Клиниката за токсикологија ја информираа заменичката дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство“, наведено е во соопштението од министерството.

Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните. На распишаниот стрип-конкурс...