Врховниот судија Наќе Георгиев кој беше осуден на казна затвор од три години поради примање поткуп денеска беше разрешен од функцијата. Судскиот совет на денешената итна седница му го констатираше престанокот на функцијата со оглед на тоа што законот предвидува дека на судија му престанува мандатот ако меѓу другото е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, рече дека по докажувањето вина кај Георгиев се докажало дека никој, ниту судија од највисоката судска инстанца не може да пркоси на фактите и доказите, без разлика што тој претходно ја негирал одговорноста.
Таа порача и дека не смее да се дозволи поединци како Георгиев да ја уриваат сликата за целото судство и оти се преземаат чекори јавноста и граѓаните да видат дека Судскиот совет работи и дека нема да дозволи ваквите судии да останат дел од системот.
Судијката Антоанета Димова пак, кажа дека не е задоволна од изречената казна против судијата Наќе Георгиев.
„Сметам дека за судиите мора да се изрекуваат построги казни. Добро е што е осуден, но сметам дека оваа казна не е соодветна на она што е направено. Би апелирала до нашите судии сепак да бидат похрабри. За ситеможат да постојат олеснителни околности, но за судиите не постојат. Или си чесен или не си, или имаш интегритет или немаш“, рече Димовска.
Судијата Наќе Георгиев кој е во притвор, заедно со поранешниот народен правобранител и член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во истрага што се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Синот ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатила на дело.
Иџет Мемети се спогоди со обвинителството и даде оставка од Советот на јавни обвинители. Нему му е издадена и забрана за вршење дејност во наредните три години.
Иџет Мемети призна дека земал мито и се спогоди со Обвинителството – доби една година условно
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски даде свој коментар во однос на овој настан.
Мицкоски рече дека доколку има корумпирани судии кои се во Врховниот суд, тогаш може само да се замисли што се случува надолу, па и оттаму, според него, доаѓа и таа доверба од два отсто во судството. Тој кажа и дека сè додека овие луѓе не се распуштат, Македонија нема да биде правна држава.
„Во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија, туку и лицето за коешто исто така постои спогодба со Обвинителството, а тоа е Иџет Мемети како претседател на Советот на јавни обвинители. Јасна е спрегата меѓу судско-обвинителскиот систем кај нас. Затоа довербата е два проценти, затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија со други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од ‘Бихаќка’ и од Речица. Сè додека имаме тефтерчиња и сè додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава“, рече Мицкоски.