Корупцијата е сериозен проблем во државата која не прави речиси ништо во борбата против истата. Ова е нотирано во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на С. Македонија, каде што е потенцирано дека корупцијата во сите сфери, е проблем кој е сериозно загрижувачки.
Во секторот образование, има различни коруптивни форми, кои студентите најчесто не се охрабруваат официјално да ги пријават. Една од причините за тоа е што понекогаш и самите студенти се тие кои нудат мито, за што сведочи и студентската правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Савче Ѓошева. Таа за Мета споделува неколку случаи на корупција кои стасале до неа.
„Во еден од случаите, има коруптивни елементи. Професор на еден факултет, наводно побарал од студент да го објави трудот кој студентот го напишал, а во него да стои и името на професорот, како коавтор. Но, немаше докази дека тоа навистина било така. Управата на факултетот подоцна, по спроведена постапка, потврди дека пријавата била лажна“, вели Ѓошева за Мета.
Во друг случај, како што вели студентската правобранителка, студент на Филолошкиот факултет му понудил мито на професорот, за да му стави поголема оцена.
„Ова се случи лани. Во врска со овој случај студентот требаше да сноси дисциплинска казна. За овој случај знам, бидејќи во тоа време бев дел од наставно-научниот совет на факултетот“, додава Ѓошева.
Професори бараат да им се купи книга, а потоа на студентите да им дадат потпис
Најчест облик на корупција е продажбата на книги напишани од професори, кои бараат нивните студенти да им ги купат. Според Ѓошева, повисоки се цените на книгите што се нудат на студентите на Правен и на Економски факултет.
„Продажбата на книги е нешто што најчесто се споменува како форма на корупција. Сè уште на одредени факултети и одредени професори бараат да им се купи книга, а потоа на студентите да им дадат потпис или, пак, дополнителни поени, право за полагање испит итн. Спорен е моментот дека некој нешто бара од вас за да добиете нешто за возврат. На пример, на мојот факултет каде што студирам, на Филолошки, се бараше да се купи книга по предмет која чинеше 400 денари. Одзади во книгата имаше вежби. Ако студентот ги имаше направено тие вежби, добиваше дополнителни поени. Тоа е на некој начин, исто така, условување“, смета студентската правобранителка.
Пријавувајте и во ДКСК
Случаи на корупција, вклучително и на корупција во образование, може да се пријавуваат и во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Минатата година, на настан поврзан со оваа тема, екс-претседателката Билјана Ивановска кажа дека секторот образование е третиран во нивната Национална стратегија за корупција и судир на интереси, оти перцепцијата на граѓаните е дека постои корупција во високото образование.
„Од студенти пријави не сме добиле, па затоа ги охрабрувам студентите да пријавуваат“, кажа тогаш Ивановска.
УСС УКИМ: Пријави се поднесуваат кај правобранитеката и кај антикорупцискиот офицер
Александар Николовски, претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, за Мета вели дека делуваат на тој начин што насекаде го промовираат телото студентски правобранител, каде што студентите може да пријават случаи на корупција.
„Сметам дека студентите знаат каде да се обратат во вакви случаи, иако мислам и дека треба повеќе да се испромовира и антикорупцискиот офицер при УКИМ, професорот Гордан Калајџиев, каде што студентите исто така можат да пријавуваат коруптивни форми во текот на студиите“, вели тој.
Инаку, студентите на УКИМ може да пријавуваат мито и корупција на е-адресите на професорот Гордан Калајџиев [email protected], како и кај студентската правобранителка Савче Ѓошева, на [email protected].
ЕК: Никаков напредок во борбата против корупцијата
Како што напомнавме на почетокот, во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјава, пишува дека нема никаков напредок во борбата против корупцијата.
„Земјата не се бори против корупцијата. Не беше постигнат напредок. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање кое е сериозно загрижувачко. Одложувањата на судењата за случаи на висока корупција се зголемени, а тоа резултира во некои случаи со застарување на истите. Максималната законска казна за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што резултираше со запирање или прекинување на голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и на случаи од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО)“, наведено е во извештајот, објавен лани во октомври.
*На 25.09.2024 година е извршена промена на насловот на текстот, од причина што првичниот наслов „Корупција во високото образование: Студент напишал труд, професорот барал да биде впишан како коавтор“, не кореспондираше со содржината на текстот. Ваквата измена беше потребно да се направи бидејќи еден од изворите кои се цитирани во текстот побара измена на цитираната изјава со што беше делумно променето нејзиното значење. Им се извинуваме на читателите за направениот превид.