Јавниот обвинител на Република Северна Македонија извести дека обвинителот, Љубомир Јовески, во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, доби закана по неговиот живот.

Фото: Jавно обвинителство на Република Северна Македонија

Анонимната препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Според писмата кои обвинителот Јовески ги објави, заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена, бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.

„Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, наведено е во заканувачките писма што ги доби обвинителот.

Според напишаното, членовите на оваа тероростичка организација се подготвени да гинат за целите на организацијата.

Фото:Jавно обвинителство на Република Северна Македонија

Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот, нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.

ЈО соопшти дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката.

За новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, чие ослободување се бара во писмата испратени до Јовески до Обвинителството беше поднесена кривична пријава од Агенцијата за разузнавање во врска со наводи за безбедносни и разузнавачки структури изнесени во емисијата „Заспиј ако можеш“ емитувана на ТВ Алфа на 11 јануари 2021.

Тие кон крајот на минатата година беа повикани и да дадат исказ, но како што е наведено во денешното соопштение од Обвинителството, предметот бил запрен бидејќи надлежниот обвинител сметал дека нема место за јавно-обвинителско постапување.