Имајќи ги предвид сите придобивки на штедењето, задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор, рече денеска гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска на свеченоста по повод Светскиот ден на штедењето (31 октомври), организирана од Македонската банкарска асоцијација.

– Во последните 10 години, вкупните депозити  растат со стапка од околу осум проценти, во просек, на годишно ниво, што придонесе за зголемување на штедењето за околу 10 процентни поени на нивото од 55 проценти од домашниот бруто-производ (БДП) во 2017 година. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, кој што во целиот период остана здрав, стабилен, високо капитализиран и ликвиден, покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови – рече Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти.

Гувернерката потенцираше дека и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ).

На свеченоста се обратија и министерот за финансии Драган Тевдовски и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.