fbpx

Анализа: Сè поголема е сиромаштијата во многудетните семејства!

-

Семејствата со три или повеќе деца сè повеќе осиромашуваат. Во 2012 година, стапката на сиромаштија кај нив е позначајно зголемена за период од две години. Се продлабочува сиромаштијата и во семејствата на самохран родител со едно дете, се вели во анализата на Порталб.

Најновото статистистичко мерење „Лаекен индикатор за сиромашатија“ покажа дека во 2012 година сиромаштијата на ниво на државата изнесувала 26,2 проценти и во однос на 2011 година се намалила за 0,6 проценти. Но, во исто време, Заводот за статистика ја намали стапката на сиромаштија во 2011 година со образложение дека податоците се ревидирани. Кои семејства живеат во најдлабока сиромаштија, како се објаснува состојбата во која вработеноста се зголемува, а сиромаштијата речиси е бетонирана?

Во сиромаштија живеат 540.000 лица…

Во Македонија има 540.000 лица што живеат под праг на сиромаштија. Доколку се зема предвид дефиницијата за сиромаштија на Светска банка, тоа значи дека секој четври граѓанин живее со два долари на ден. Според податоците на Заводот за статистика, стапката на сиромаштија во 2012 година изнесувала 26,2 отсто и во однос на 2011 година се намалила за 0,6 проценти.

– Ова е незначително намалување, мала разлика во однос на состојбата во 2011 година. Практично, ние во последните десет години и немамае позначајно поместување кога зборуваме за сиромаштија. До 2002 година, стапката се движеше под 20 отсто, но потоа, откако се зголеми, се движи околу 30 проценти и секое вакво минимално намалување воопшто не влијае, односно не укажува на позначително менување на состојбата – вели универзатитескиот прфесор Илија Ацевски за „Порталб“.

Она што, според социолозите, загрижува, е податокот дека сиромаштијата се продлабочува кај лицата што заработуваат, односно работат. Така, податоците покажуваат дека стапката на сиромаштија кај вработените лица во 2012 година изнесувала 11,1 проценти и таа е зголемена во однос на 2011 година, кога изнесувала 10,2 отсто. Во исто време, статистиката измери дека сиромаштијата се зголемува и кај оние со полно и кај оние со скратено работно време. За разлика од вработените, сиромаштијата кај невработените се намалува, пред сè, како резултат на државните надоместоци. Во 2012 година, стапката на сиромаштија кај невработените изнесувала 46,5 проценти, додека во 2011 година била 48,7 отсто.

– Тоа што стапката на сиромаштија се зголемува кај вработените е состојба која има едноставно и логично објаснување. Имено, тоа покажува дека главно, вреботените, кои се во најголем дел во ниско платените дејности, земаат ниски плати. Тоа значи дека тие заработуваат, но со парите не можат да си обезбедат нормален живот. Од друга страна, стапката на сиромаштија се намалува кај оние што не работат, а се корисници на државни бенефиции. Ова значи дека линијата меѓу сиромашните вработени и невработени се приближува. Она што алармира е дека голем дел од популацијата е токму во зоната на вработени, а сиромашни лица. Дополнително, уште ако работат, а не земаат плата, тие автоматски влегуваат во оваа зона – вели за „Порталб“ професорот Ацевски.

Според социолозите, уште еден показател од новото статистичко мерење укажува на влошување на состојбата, осбено кај онаа „средна класа“. Така, показателите укажуваат на зголемување на сиромаштијата кај четиричлените семејства, со две деца помали од 14 години. Под прагот на сиромаштија живеат повеќе од 141.000 лица од ваквите семјства и за една година бројот на овие лица е зголемен за 11.600.

– Кај четиричлените семејства, кои се сметаат за најбројни, главно има по еден вработен и тој е со ниски примања. Овие семејства, особено оние со деца на воздраст од 10 до 17 години, имаат и поголеми трошоци поради поголемите потреби за децата, нивно издржување и образование. Тоа е таа најранлива категорија граѓани  – објаснува социологот Ацевски.

Статистиката покажува дека најдлабока стапка на сиромаштија има кај семејствата со три или повеќе деца, односно многудетните семејства, каде е измерена сиромаштија од 53,9 проценти и во однос на 2011 година има позначајно зголемување, кога стапката изнесувала 49,6 отсто, а во 2010 година – 44 проценти. Сиромаштијата се продлабочува и кај семејствата со две деца, со стапка од 24,3 проценти, потоа и семејство на самохран родител со дете, со стапка на сиромаштија од 30,8 отсто.

Сиромаштијата се продлабочува и кај пензионерите. Така, во 2012 година стапката на сиромаштија кај оваа категорија луѓе изнесувала 14,1 отсто, за разлика од 2011 година, кога била 13 проценти.

Додека од една страна стапката на сиромаштија бавно се намалува, од друга страна, податоците на надлежните институции покажуваат пораст на вработеноста.

– Точно е дека се зголемува бројот и вредноста на странските инвестиции и дека тие отвораат нови работни места, но мора да се каже дека тоа се ниско платени работници, со плати од 200 до 250 евра, плати кои не можат да обезбедат нормален живот, надвор од зоната на сиромаштија. Од друга страна, за овие работни позиции во Европа работниците се платени од десет до петнаесет пати повеќе – вели Ацевски за „Порталб“.

Според документот „Милениумски развојни цели“, посветен на Македонија во 2015 година, сиромаштијата во Македонија треба да се сведе на само 9,5 проценти, стапка која, според социолозите, не е достижна ниту остварлива.

Според еден од извештаите на Светска банка, бројот на луѓе во Македонија што живеат со помалку од два долари на ден (што е параметар за дефиницијата за сиромшатија) во 2012 година се зголемил на 140.000, при што се бележи пораст на оние што не можат да ги задоволат основните животни потреби. Според анализата, само 5 проценти од граѓаните располагаат со 49 отсто од доходот во земјата.

Во април годинава, вашингтонскиот Институт „Кејто“ ја рангираше Македонија на 11. место од вкупно 90 анализирани земји според длабочината на сиромаштија. Со индекс 35,7 проценти, земјава се вброи во оние кои се најсиромашни, а како клучна причина се посочува невработеноста.

Порталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...