fbpx

Анализа: „Панорамското тркало“ и „Вртелешката во Луна парк“ под лупа на ревизорите

-

Како се делеле јавни набавки, колку пати и со која цел се менувале Годишните планови за јавни набaвки, кои се слабостите и последиците – ова се клучните прашања кои ги третира државниот ревизор во извештајот „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на договорите за јавни набавки на ниво на ЈП на Град Скопје“, пишува неделната економска анализа на „Порталб.мк“.

Направен е увид во вкупно 61 постапка за доделување на јавни набавки кај шест јавни претпријатија. Со ревизијата бил опфатен период од 2016 до 2018 година, но и периодот претходно кога биле склучувани договори кои предизвикале обврски во годините потоа. Раководствата на шесте јавни претпријатија доставиле вкупно 24 забелешки на ревизорскиот извештај, од нив 11 не биле прифатени, за 11 забелешки било оценето дека се известување, една забелешка е целосно, а една делумно прифатена.

Се трошеле пари – а ефектите и целите од јавните набавки не се постигнале

Се спроведувале како итни, со преговори во “четири очи“, а можело да се реализираат како редовни постапки за јавна набавка. Ова е една од клучните забелешки нотирана во ревизорскиот извештај, кој под лупа го става начинот на спроведување на јавните набавки од страна на шест јавни претпријатија формирани од Град Скопје во периодот од 2016 до 2018 година.

„Во моменти кога се иницирала постапката со преговарање со крајна итност, настаните биле итни, но со оглед на тоа дека истите се појавувале како континуиран или очекуван настан, можеле да бидат точно планирани и навреме започнати“ – се наведува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите обрнуваат внимание на две вредносно поголеми набавки кои ги презеле јавни претпријатија наложени од нивниот основач Град Скопје во 2014 и 2016 година.

Во јули 2014 година меѓу ЈСП и градежна фирма склучен е договор во износ од 18,3 милиони евра за инвестиционо вложување во изградба на Панорамското тркало.

“До периодот на вршење на ревизијата, односно до април 2019 по овој основ исплатен е значителен износ од 4,8 милиони евра за изградба на објектот. Во март 2019 градоначалникот на Град Скопје по претходно доставено барање од ЈСП, донел Решение за измена на текот на градбата со кое објектот е пренаменет во пешачки мост а бетонските столбови на кои требало да стои тркалото се урнати. Пренамената на објектот треба да претставува “спасување“ на веќе инвестираните парични средства но треба да се има предвид дека на околу 50 метри веќе постојат два моста“ – пишува во ревизиорскиот извештај.

Втората набавка што ја анализираат ревизорите се однесува на детската вртелешка Карусел за што во јули 2016 бил склучен договор меѓу ЈП Паркови и зеленило и фирмата – носител на набавката во износ од 200 000 евра.

“Набавката е реализирана во 2017 година и истата година вртелешката е поставена во Луна паркот. Иста ваква набавка со ист правен субјект била спроведена во 2012  година со вредност од 163 000 денари. На ревизијата не и се презентирани соодветни докази за потребата од оваа набавка во услови кога Град Скопје во последните неколку години иницира изградба на нов забавен парк со нови реквизити“ – пишуваат ревизорите и констатираат:

“И во двата случаи набавките не ги дале првично утврдените цели а биле потрошени значителни финансиски средства“.

Слабости и пропусти при доделување на јавни набавки

Без спроведена постапка за јавна набавка, во 2017 година, шесте јавни пртепријатија создале обврски во износ од 300.000 евра, главно за набавка на електрична енергија и за поштенски услуги. Според ревизорите, проблемитични се набавките до 500 евра на месечно ниво, кои не се опфатени за законските решенија за јавни набавки.

“Од спроведените испитувања дојдовме до заклучок дека сите ЈП, освен ЈП Комунална хигиена не се придржувале до овој лимит, односно за овој вид на набавки потрошиле поголем износ од годишното ограничување поради различно толкување од член во законот“ – посочуваат ревизиорите и наведуваат дека од април 2019 за зголемени вредносните прагови за набавките“ – велат ревизорите. 

Во дел од слабостите и пропустите при доделување на јавните набавки, ревизијата меѓудругото констатира:

„Постојат набавки за кои не е спроведена постапка и не е склучен договор. Објавувањето на проценетата вредност во огласот не обезбедува конкурентност. Доделувањето на договорите за јавни набавки во кои учествува еден понудувач најчесто не ги дава очекуваните резултати во однос на начелата за доделување на договори за јавни набавки. Користење на најниска цена како единствен критериум за избор на најповолна понуда може неповолно да влијае врз квалитетот на стоките и услугите“.

Во 2016 и 2017 година во дури 54 отсто од вкупниот број на спроведени постапки е доставена понуда од само една фирма – понудувач а во 2018 овој процент се намалува на 39 отсто.

“Овие процентуални вредности се големи и укажуваат на отсуство на конкуренција во постапките“ – заклучуваат ревизиорите. 

Ревизијата ги анализира и податоците за тоа колку јавни набавки биле планирани на ниво на ЈП а колку од нив се реализирале, па така се заклучува дека сите шест ЈП не успеале да ги спроведат во целост планираните набавки.

“Во 2017 година стапката на реализација на планот се движи од 57 отсто кај ЈП Водовод и канализација до 72 отсто кај ЈП Улици и патишта. Истакнуваме дека кај ЈСП ревизијата не беше во можност да ги утврди процентите на реализација поради начинот на евидентирање на постапките, но од 2019 со законските измени, се очекува оваа состојба да биде надмината“ – наведуваат ревизорите.

Во периодот од 2016 до 2018 година ревизорските наоди покажуваат дека не постои ЈП кои не направило промена на годишниот План за јавни набавки а во некои случаи измените се големи и финансиски значителни.    

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...