Прашањето за датумот за отпочнување преговори на Северна Македонија со ЕУ секако дека е многу важно прашање. Јавноста веќе е запозната со бенефитите од сите аспекти, но прашањето што се наметнува е дали датумот за отпочнување преговори е судбинско за Северна Македонија и нејзините граѓани до степен да биде загрозена нејзината безбедност или генерални нејзиниот уставно-правен поредок?

Песимистичкото сценарио,  што може да се слушне во јавноста (а што беше подгревано и од самиот премиер), упатува на позитивен одговор. Тезата е дека ЕУ е некредибилен партнер, не си го исполнува ветеното дури ни кога земјата ја плати највисоката цена за тоа, како еден од клучните предуслови – менувањето на уставното име и плус доби одличен Извештај од самата ЕУ. Според тоа, оној што не убедуваше во такво нешто – Заев и политичката елита на власт, мораат да распишат вонредни избори. Според тоа сценарио, на вонредните избори, поради зголемениот сентимент од брзо растечкот евроскептицизам, тие ќе претрпат пораз, а на власт се враќа се уште нереформираното ВМРО-ДПМНЕ со нов коалиционен партнер од албанската етничка заедница.

Шлаг на ваквата торта би било триумфалното враќање на Никола Груевски од Будимпешта, откако Врховниот суд ќе ја укине пресудата и предметот ќе го врати од почеток. Земјата со тоа би добила власт слична на некои „демократии“ од блиското или подалечното соседство, со отворена врата на Русија и Кина за попрактична реализација на нивните легитимни геополитички интереси.

Ова сценарио на развој на настаните ако државата не го добие датумот сега во јуни или во јули, туку од есен натаму, не е претерано, но е сепак невозможно. Прво, затоа што во големите геополитички игри Северна Македонија иако многу мала, не е безначајна, што го покажа НАТО и брзината со која се ратификуваат протоколите за членство.

Имајќи го предвид ова, а и последните пораки што пристигнуваат од нашиот стратешки партнер САД кои се сосема јасни во поглед на предвремени избори, малку е веројатно дека актуелната политичка елита ќе си дозволи екскурзија со неизвесен политички крај.

Ова дотолку повеќе што после одлуката на холандскиот парламент и состанокотот на Заев со клучниот, иако не и единствениот клучен играч во ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел, станува јасно дека Северна Македонија сепак ќе го добие датумот за почетокот на преговорите до крајот на годинава и извесно е дека тие ќе започнат, најверојатно во 2020 година.

Па затоа, наместо нови предвремени избори – таа неверојатно лоша традиција во РСМ – потребни се докрај спроведени реформи во правосудството, во администрацијата, а особено конкретна борба против организираниот криминал и корупцијата.

Датумот е секако важен. Но, не е и не треба да биде пресуден за курсот на државата. И на внатрешен и на надворешно-политички план.