Ана Петровска влегува во трката за градоначалник на Скопје како независен кандидат на „Зелен хуман град“

Фото: Мета.мк

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, денеска беше промовирана како независен кандидат за градоначалник на Скопје која ќе биде поддржана од коалицијата „Зелен хуман град“. Оттаму веќе најавија дека на локалните избори ќе настапат и со независна листа на советници за Градот Скопје. Коалицијата исто така поддржува и независни советнички листи во општините Центар, Карпош и Гази Баба.

Петровска денеска на прес конференција рече дека скопјани сакаат и заслужуваат убав и зелен град и дека таа ќе работи на новиот Генерален урбанистички план кој ќе треба да ја запре бетонизацијата на градот и да го заштити постоечкото зеленило, а да се зајакнува урбаната мобилност со давање предност на велоспипедизмот и пешачењето за да се намали загадувањето на воздухот.

„Планираме градската власт да биде отворена за јавноста, да можат да учествуваат и граѓаните и да знаат како се трошат нивните пари. Во носењето на одлуките ќе ги вклучиме и младите, маргинализираните и хендикепираните. Загадувањето на воздухот е многу важна тема за која градската власт нема многу надлежности, но ќе се работи на краткорочни акциски планови за ситуации кога се надминати праговите за алармирање согласно новиот закон за квалитет на амбиентен воздух. Ќе работиме на подобрување на управувањето со отпад, со акцент на рециклирање и компостирање, на енергетската ефикасност, ќе го затвориме Вардариште и на расчистување на дивите депонии“, истакна Петровска.

Во моментов во тек е собирањето потписи за поддршка на листите и кандидатурата на Петровска, во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија и во неколку нотарски канцеларии низ градот.

„Вчера и денеска ги поднесовме списоците за собирање потписи во сите пет подрачни одделенија на ДИК во Скопје во Карпош, Центар, Чаир, Гази Баба и Кисела Вода, за независната советничка листа на Зелен хуман град и за независната кандидатура на Ана Петровска од нашата иницијатива. Исто така, списоци за потписи ќе може да се дадат и кај нотарите Анета Алексова и Снежана Видевска во општина Центар, Наташа Пејкова во општина Карпош и Жаклина Николиќ и Андријана Ѓорѓевска во општина Аеродром. Потписот во ДИК е бесплатен, додека во нотарските канцеларии мора да се подмири трошок од 150 денари“, информира Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.

Потписите се собираат до 30 август на полноќ, а дотогаш канцелариите ќе работат секој работен ден од 8 до 20 часот. На коалицијата ѝ се потребни 1.000 потписи за советничката листа и за кандидатурата на Петровска, а активистите апелираат освен за нивните две листи, граѓаните да дадат поддршка и да се потпишат и на независните листи за општините Карпош, Центар и Гази Баба.