Патот за селото Танушевци на Скопска Црна Гора е тешко прооден поради големи наноси од снег, соопшти попладнево Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Оттаму информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива пo влажни коловози, а на повисоките места во западните и во североисточните делови од земјава на места има остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Намалена видливост поради појава на магла од 50 до 100 метри има на планинскиот превој Плетвар.

Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјата, но оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Оттаму предупредуваат дека во клисурите и во засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.