Американски музички издавачи го тужат Твитер поради масовно кршење на авторските права

Во тужбата се вели дека прекршувањата му дале на Твитер „неправедна предност“ во однос на конкурентите ТикТок, Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и Снепчет – кои плаќаат за музички лиценци

фото: Alexander Shatov на Unsplash

Група од 17 музички издавачки куќи од САД го тужи Твитер, тврдејќи оти платформата овозможила прекршување на авторските права кои вклучуваат речиси 1.700 песни.

Националната асоцијација на музички издавачи сега бара отштета од повеќе од 250 милиони долари, објави „Врџ“.

Во тужбата поднесена до федералниот суд во Тенеси, се тврди дека компанијата „го храни својот бизнис со безброј прекршувања на музички композиции, кршејќи ги ексклузивните права на издавачите и други страни според законот за авторски права“.

Овој случај започна пред Илон Маск да го купи Твитер минатата година, но твитовите на милијардерот и платената „Твитер Блу“ претплата исто така се најдоа во тужбата.

Еден корисник претходно на Твитер се пожалил дека неговата сметка може да биде суспендирана откако добил пет предупредувања за авторски права, по што Маск преку твит го советувал „да размисли и да се претплати на Твитер Блу“. Поради ова, во тужбата се тврди дека Маск ги охрабрувал корисниците да ја користат платената верзија на платформата за да ги скријат прекршувањата на авторските права и да не добиваат предупредувања.

Повеќе од наводните прекршувања за кои се товари Твитер се должат на музички видеа, видеа од музички изведби во живо или други видеа синхронизирани со музика заштитена со авторски права. Во тужбата се вели дека Твитер ги користи тие видеа за да ја зголеми својата вредност така што луѓето ќе поминуваат повеќе време на платформата.

Националната асоцијација на музички издавачи на САД тврди дека Твитер не успеал да ги отстрани содржините кои ги прекршувале авторските права, и покрај тоа што социјалната мрежа била известена за тоа, и се додава оти продолжила да им помага на прекршителите без ризик тие да ги загубат своите сметки.

„Њујорк Тајмс“ објави дека изминативе месеци Твитер прекинал неколку договори за лиценцирана музика, а причина за тоа, според неименуван извор од компанијата, било скапото чинење.

Во тужбата се вели дека прекршувањата му дале на Твитер „неправедна предност“ во однос на конкурентите ТикТок, Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и Снепчет – кои плаќаат за музички лиценци.

„Твитер останува сам како најголема платформа за социјални медиуми која целосно одби да ги лиценцира милионите песни на својот сервис“, се вели во изјавата на претседателот на Асоцијацијата на музички издавачи, Дејвид Израелит, која ја пренесе Би-би-си.