fbpx

Активистите се оградија од Владата

-

Владата на Република Македонија денеска се најде зад картонска ограда поставена пред оградата од ковано железо што деновиве се подигнува. Група граѓани и активисти од невладини организации на овој начин се оградуваат од, како што велат, криминалите и злоупотребите за кои се обвинети владините функционери, пишува „А1 он“.

„И ние се оградуваме од вас“, пишуваше на графитот на картонската ограда. Активистите пресекоа и црвена лента за нејзино ставање во употреба, како иронија на зачестените кампањски активности на премиерот Никола Груевски.

– Се собравме денеска за да ја потсетиме оваа власт дека ние ги паметиме нивните злодела кои ги чинат изминативе девет години. Да ги потсетиме дека го држат својот народ како заложник во сопствената држава и да ги потсетиме дека нема да се откажеме од тоа да одговараат пред овој народ за тоа што го направиле. Сакаме да му порачаме на јавниот обвинител, кој треба да биде избран во вторник, кои се неговите обврски. Сакаме да го потсетиме каде им е местото на овие луѓе што денес ја водат нашата држава и што безмилосно газат по правата на сопствените граѓани и сакаме да ги потсетиме на сите млади животи што беа жртви на овој режим, да потсетиме дека не треба да се занемарат доказите што ги имаме. Нема правда, нема мир – изјави активистката Симона Спировска.

На столбовите од оградата беа поставени симболи кои упатуваат на наводните злоупотреби и афери во кои е вмешан актуелниот владин состав. На првиот столб, приказ на убиен човек, упатуваше на смртта на Мартин Нешковски. Маица со повеќе парцели потсетуваше на плацовите на Водно кои, наводно, премиерот ги обезбедил за себе. Активистите посочија на медиумската цензура за која, според нив, е заслужна актуелната власт преку симболот на јавниот сервис. Пластична чаша упатуваше на прислушувањето на повеќе од 20.000 граѓани од безбедносните служби, а автопат – на скандалот за земање провизија од изградба на автопатишта. Во вторник, на денот кога треба да биде избран специјалниот јавен обвинител, активистите ќе се соберат пред Собранието и ги повикуваат граѓаните да им се придружат.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...