fbpx

Дивата депонија, која е повторно активна, ги труе тетовци 

-

Големи количества разновиден отпад повторно се наталожија на претоварната станица на Јавното комунално претпријатие на влезот од Тетово.

Поради невремето што го зафати тетовскиот регион, механизацијата на комуналното претпријатие, која беше ангажирана во поплавените подрачја, не успеа навреме да го собере и да го транспортира сметот од претоварната станица, каде сега е создадена огромна дива депонија.

Проблемот со депонијата најмногу го чувствуваат жителите што живеат во нејзина непосредна близина.

– Тетово е најзагаден град во Европа. Ова што се случува е катастрофа. Ги учиме децата за хигиена, а властите со ѓубрето, кое е во самиот град, не можат да се справат десет години – вели една тетовка.

Граѓаните веќе ги чувствуваат здравствените последици од дивата депонија.

– Не можеме да дишеме. Цело семејство, поради таа депонија, чуствува здравствени последици во респираторните органи – додава друга тетовка.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека се разгледуваат неколку опции за решавање на проблемот.

– Како прва опција е дислокација на претоварната станица надвор од градот. За таа цел имаме избрано место во близина на село Фалише, но сега на оваа парцела веќе се натрупани наносите од камења и од земја од поплавените подрачја. Ќе мора ургентно да ја исчистиме парцелата. Се размислува и директно со големи камиони да се носи сметот во регионалната депонија Русино, без да се претовара – изјави Назиф Јашари, раководител на комунална хигиена при ЈКП Тетово.

Решение за претоварната станица, каде постојано се создаваат големи депонии, не се најде десет години. Не се остварија ветувањата на локалните власти, кои со години најавуваа дека со комуналниот отпад во градот ќе менаџира странски инвеститор, со што конечно би се решил проблемот.

И на регионално ниво, постапката за изградба на заедничка регионална депонија за сите општини од полошкиот регион, тапка во место. Досега само источниот и североисточниот регион во Македонија се на добар пат да го решат проблемот со сметот. Во овие делови на Македонија, преку ИПА-програмата, веќе се склучени договори за изградба на две депонии, кои ќе ги користат сите градови од овој дел на земјата.

З.Д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...