Актерот Даг Какл – „гласот на Вичер“ со коментари за вештачката интелигенција кои одекнаа во светот на гејмингот

Вештачката интелигенција не е проблем. Проблемот се луѓето што ја користат, вели Какл

Witcher 3 Ursine Grandmaster Set / Скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Актерот Даг Какл (Doug Cockle) што оригинално и најдобро го интерпретираше и создаде тоналитетот и интонацијата на глас на ликот на „Witcher“ (Вичер) – Гералт од Ривија во видеоигрите од кои најпопуларна е „Witcher 3: The Wild Hunt (и која моментално е на 75% попуст на платформите Steam и GOG) го изрази своето мислење за употребата на вештачка интелигенција (ВИ) со специфични цитати кои одекнаа гласно во „светот на игрите“, а и пошироко.

Според него, употребата на ВИ во правењето игри, не само што е „опасно“, туку е и „неизбежно“. Но, проблемот, според него, е што целиот процес остава многу простор за злоупотреба и отстранување на улогата на актерите, откако ќе биде направен конструкт што може „да изговори сè“, за кој креаторите би добиле еднократна исплата, на база на целосно откупени авторски права.

Ова се цитати од неговите размислувања и револт: 

„Вештачката интелигенција е неизбежна и девелоперите ќе ја користат. Не сме сосема сигурни што значи сето тоа…Веќе ја користат пополнувајќи звуци во позадина, гласови на NPC ликови и слично, што е жално затоа што тие гласови им припаѓале на луѓето и тие гласови се моделирани според вистински луѓе. Значи, зеле нечиј глас, го снимиле во својата база на податоци, го дигитализирале и го користат да изговара работи што даден поединец никогаш не ги рекол. Тука постои нешто многу неетичко и поради тоа се водат многу расправи“.

Пред неколку години, Какл има одбиено понуда да му се дигитализира гласот и тврди дека тоа би му ги скратило приходите, односно, вели дека:

„Тие ефикасно ми ги земаат приходите, не само мене, туку и на секој актер чиј глас се користи… Сите ние гледаме како се користи нашиот глас на начини кои попрво би ги избегнале“.

Околу можностите за злоупотреба, Какл додава: 

„Ова станува застрашувачко кога, оние кои користат вештачка интелигенција, имаат нечесни намери. Овој дел од вештачката интелигенција воопшто не ни се допаѓа, затоа што, ако може да се користи за работи кои имаат комерцијални цели, тогаш може да се користи и за работи кои се политички и етички лоши“ и продолжува:

„Некој би можел да користи вештачка интелигенција за да произведе нешто расистичко со гласот на Гералт, користејќи го мојот глас, или против нешто што повеќето луѓе го сметаат за добро. Тука вештачката интелигенција станува опасна. Лажни вести, неточни информации, лажни мислења. Тоа сега го гледаме и кај политичарите. Луѓето пласираат работи. Затоа вештачката интелигенција не е проблем. Проблемот се луѓето што ја користат“.

Интересната работа е што со гласовните можности, Какл не беше надминат ни од Хенри Кавел, што е актер од светски калибар во серијата „Вичер“. Напротив, Кавел дури и емулираше карактеристики на гласот на Даг Какл, имитирајки го, од кои највпечтливо беше таканареченото „грофтање“ со „Хмм“-кање што беше исмеано и во серијалот „Honest Trailers за Вичер“ и во други детални видеа