Актерот Михајло Миленкоски раскажува како бил нападнат бидејќи побарал од персоналот во супермаркет да им напомене на купувачите да носат маска | Фото: лична архива

Крушевскиот актер Михајло Миленкоски (33), којшто речиси 6 години работи во прилепскиот театар преживеал вистинска драма и завршил во прилепската болница со тешки повреди, само затоа што забележал дека во маркетот каде што пазарел, потрошувачите треба да носат заштитни маски. Настанот се случил неодамна, во еден од големите маркети во строгиот центар на Прилеп. Миленкоски, како што раскажува, влегол како и обично да ги купи потребните намирници

– Се случи дење на пладне. Влегов да пазарам во маркет во центарот на Прилеп, му се обратив на вработениот, изреагирав, велејќи дека не е добро да оставаат луѓето што пазарат да не носат заштитна маска, со оглед на целата ситуација во која се наоѓаме со пандемијата. Момчето коешто не носеше маска, слушна дека реагирам и ми рече, „ќе видиш надвор кога ќе излезеш, ќе се разбереме“. Можеби 20 минути останав во маркетот и целосно го заборавив овој момент. Платив на каса и излегов. Надвор ме чекаше момчето. Му реков „извини, јас немам ништо со тебе, само забележав на вработените“. Заминав. Но, тој ме тргна, ме удри со бокс и јас повеќе не се сеќавам. Ми кажаа дека сум изгубил свест. Некој од луѓето викнале итна помош, ме однеле во болница. Таму се освестив. По 7 часа ме пуштија од болница, дојдоа другарите да ме земат – раскажува сè уште вознемирен актерот Миленкоски.

Како што тврди по компјутерската снимка на главата, се покажало дека добил потрес на мозокот, дека има скршен лев синус и скршеница на вилицата и дека неколку дена требало да мирува целосно.

– Го пријавив случајот во полиција, ми побараа податоци, а го препознав и момчето на фотографија на Фејсбук. Сè уште не сум добил информации од полиција до каде е расчистувањето на случајот. Но, фрапиран сум од ова што се случува. Во ова време да не си свесен – кој е проблемот на општеството, колку животи млади пандемијата почна да носи, и да се однесуваш како Господ, тоа е страшно – заклучува Миленкоски.

Инаку, во Прилеп, целата оваа состојба со пандемијата придонесе сепак да порасне свесноста на граѓаните. Сега е реткост да се види граѓанин без маска, иако во Центарот за јавно здравје, а од неодамна и со брзите тестови што се прават во Здравствениот дом, постојано се евидентираат нови случаи на инфицирани со корона и заболени со ковид-19.