fbpx

Ако живеете во зграда со неисправен оџак, не помислувајте да се греете на дрва

-

За два дена започнува грејната сезона. Голем дел од граѓаните сакајќи да ги избегнат високите сметки за струја или парно, одлучуваат за загревање да користат пелети, дрва и брикети. Дел од жителите во станбени објекти низ скоските населби набавува дрва со кои ќе се грее претстојната зима. Експертите посочуваат дека греењето на дрва во објекти во кои оџаците не се исправни или се оневозможени поради доградба, може да има сериозни последици врз здравјето и да биде закана за самите станари.

Познавачите во областа предупредуваат граѓаните да не помислуваат да се греат на дрва и пелети ако не им се исчистени оџаците во зградите. Ѓуро Поповиќ, управител на фирмата „Оџаци“, вели дека од 2005 година наваму, од кога започна најголемата градежна експанзија во Скопје, ниту еден оџак не е испланиран во самите згради и тие објекти воопшто немаат оџаци.

„Затоа никој не нè вика нас оџачарите да направиме атест и да провериме проодност на вентилација. Граѓаните треба да знаат дека не смеат да помислат да греат на дрва без да го проверат оџакот. Она што треба сега да се направи е да се повикаат градежните инспектори како и инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, да одат на терен и за сите овие проблеми да се реагира, да наложат да се испита дали оџаците во зградите во кои има надградби се во иста состојба нагоре во вертикалата, како што биле претходно“, апелира Поповиќ.

Ако во една зграда луѓето се греат на дрва, додава тој, а притоа не им се исчистени оџаците или немаат отвор најгоре на зградата, ќе се задимат сите станови и ќе настанат големи штети.

„Пред било какво активирање на оџак, мора да се провери во каква состојба е тој. Не смее да се започне со греење без да проверат оџаците“, додава Поповиќ.

Освен куќите и зградите, согласно закон, треба редовно да се чистат и оџаците на училиштата болниците, градинките и останатите правни субјекти. Според Поповиќ, досега само два отсто од сите овие објекти повикале оџачар пред стартот на грејната сезона.

„Оџакот е важно да е чист заради заштеда на енергија, заради намалено загадување, како и заради заштита од предизвикување пожари. Има овде и еколошки и безбедносни аспекти“, вели Поповиќ.

Ѕвонко Томевски, командант во Противпожарната служба, за Мета вели дека и оваа служба во пресрет на грејната сезона се подготвува да реагира ако има потреба.

„Неисчистените оџаци во згради апсолутно се голема опасност за граѓаните. Затоа мора многу да се внимава. Кога се работи за превентива, тоа е обврска на граѓаните. Каналите треба да се одржуваат редовно, да се проверува исправноста, да се види дали има пукнатини, во каква состојба се. Граѓаните треба да си викнат оџачар, за да поправи она што треба да се поправи, да се стави изолација, да се види каналите дали се одржуваат редовно, да се провери исправноста, дали има пукнатини. Бидејќи ние кога доаѓаме е веќе доцна“, вели Томевски.

Дирекцијата за заштита и спасување има усвоено правилник за одржување во исправна состојба на оџаците, димоводните уреди, системите за воздух и котли за парно греење во објекти. Согласно тој правилник, пред пуштање во употреба оџаците, димоводните уреди, системите за воздух, системите за воздушно и водено греење и огништата-котли за парно греење треба да имаат потврда (атест) за исправност.

„Чистењето на оџаците, димоводните уреди, системите за воздух, системите за воздушно и водено греење и огништата-котли за парно греење, се врши со следната динамика: еднаш месечно во сезоната за греење и еднаш вон сезоната за греење за органите на државна управа, единиците на локална самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите за заштита и спасување од пожари на луѓето, двапати во периодот во сезоната за греење и еднаш вон сезоната за греење за домакинства“, наведено е во правилникот.

Мета неодамна објави дека расте побарувачката за огревно дрво, како и дека интерес има и кај оние што се греат на струја.

Иако Владата најави дека ќе обезбеди гас, неизвесно е дали на време ќе започне грејната сезона за населението што се грее на парно. Согласно податоците на Државниот завод за статистика, на централно парно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување. Огревното дрво останува главниот енергенс што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона со 49,18 отсто. Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, која ја користеле 31,3 отсто од македонските домаќинства. На брикети и пелети се греат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година

Столе Стојан Попов е овогодишниот добитник на наградата „Златен објектив“ која се доделува секоја година на 29 април по повод роденденот на Кинотека на Северна Македонија. Признанието „Златен објектив“ се...