Половина од домаќинствата во земјава и понатаму се затоплуваат на огревно дрво [инфографик]

Photo by Pietro De Grandi on Unsplash

Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека огревното дрво останува главниот енергенс што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона. Дури 49,18 отсто од домаќинствата во земјава ги затоплуваат домовите со огревно дрво или дрво од овошни насади, се наведува во публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата, 2019“, која што деновиве ја објави ДЗС.

Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, која ја користеле 31,3 отсто од македонските домаќинства. На централно парно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети како енергент ги користат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.

Анкетното истражување на ДЗС било спроведено на примерок од 3.500 домаќинства, при што на прашалникот одговориле 2.896 од лицата вклучени во примерокот од целата земја. Добиените резултати покажуваат дека минорен дел од населението користи други енергенти за загревање на домовите: нафта за ложење (0,51 отсто), јаглен (0,17 отсто) и течен нафтен гас-плин (0,10 отсто).

Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година потрошувачката на огревно дрво за затоплување на домаќинствата изнесувала дури 970.715 метри кубни. Истовремено, за загревање се потрошени и 4.350.878 килограми течен нафтен гас, додека за греење, ладење, готвење и останати работи домаќинствата потрошиле над 3 милиони мегават часови електрична енегија.

Во 2019 година просечната површина на живеалиштата во земјава изнесувала 84,3 метри квадратни, додека граѓаните загреваат само околу половина од површината, односно 45,4 метри квадратни.

Доминацијата на огревното дрво кај загревањето на македонските домаќинства е главниот причинител за загадувањето на воздухот во земјава. Докажано е дека затоплувањето на домовите е главниот извор на аерозагадувањето, особено во делот на испуштањето на ПМ-10 честичките. Истражувањето #СкопјеСеЗагрева што го спроведе УНДП покажа дека најмалку 30 проценти од вкупните емисии на токсични честички во воздухот во Скопје произлегуваат од загревањето.

Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање потврдија дека степенот на испуштање на штетните честички во воздухот од затоплувањето со огревно дрво зависи од тоа дали се користат суви или влажни огревни дрва (влажните дрва го загадуваат воздухот многу повеќе), од одржувањето на печките за затоплување, како и од правилниот процес на согорување на дрвата.

Токму за да се намали аерозагадувањето, владата во соработка со дел од општините во земјава лани и годинава доделија субвенции за вградување на инвертер клима уреди во домаќинствата, кои треба првенствено да го намалат процентот на користење на огревното дрво од домаќинствата. Лани Градот Скопје за оваа намена искористи владини средства во износ од 322.400.000 денари, годинава за субвенции во главниот град се предвидени 107.404.074 денари, а дополнителни средства за инвертер клими се доделија и на домаќинствата во Битола, Тетово и Кичево како градови со високо загадување на воздухот.

Сепак, податоците од анкетните истражувања што ги спровел ДЗС во минатото покажуваат дека се зголемува свеста кај граѓаните во однос на енергентот што се користи за загревање на домовите. Низ годините, опаѓа процентот на домаќинства кои го користат огревното дрво во зимските месеци.

Па така, претходното истражување на темава спроведено од статистичарите во 2014 година покажува дека огревно дрво и дрво од овошни насади користеле 61,59 отсто од домаќинствата, 28,6 отсто од домовите тогаш се грееле на електрична енергија, до централно парно греење имале пристап 8,33 отсто од домовите, додека на дрвени брикети и пелети се затоплувале само 0,87 отсто од објектите за домување.