Фото: Влада на РСМ
Најдобрата одбрана од лажните вести е навременото пласирање на точните информации, како начин навремено да се одговори на сите прашања кои постојат на одредена тема, истакна утрово министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за МРТВ.

Тој рече дека во последните неколку години јавноста во државата речиси секојдневно се соочува со лажни вести, при што во фокусот не се само политичарите, туку било која јавна личност.

„Демократијата подразбира и можност да се пласираат мноштво информации, но добро би било тие информации да бидат проверени, вистинити, точни за јавноста да биде вистински информирана. Користењето на социјални медиуми и мноштво онлајн платформи, генерално им создадоа простор на многу луѓе да изнесуваат ставови, што и не е така лошо… Меѓутоа, сметам дека постои голема злоупотреба во тој медиумски простор, од една страна, а од друга –  она што мене најмногу ми пречи – е што некои се изедначуваат со новинарите, иако немаат допирни точки со таа професија“, истакна министерот Спасовски.

Според Спасовски, голем дел од лажните вести кои се пласираат во јавноста, се резултат на хибридна војна што се води не само на територијата на Северна Македонија, туку генерално, на Балканот, особено по отпочнување на војната во Украина, односно инвазијата на Русија, и тоа не само од лица кои од нивни лични причини тоа го прават, туку многу лажни вести се пласираат со цел да се влијае врз граѓаните, да се насочува нивното мислење.

„Затоа важно е постојано да бидеме во комуникација со граѓаните, постојано да ги пласираме точните информации, а јас сум преблагодарен на сите медиуми, сите медиумски работници кои што ги бараат одговорите таму каде што можат вистински да ги најдат и ги пласираат во јавноста. Зашто само така заедно ќе си помогнеме. Можеби во даден момент, на краток рок не сфаќаме колку е штетно да се пласираат лажни вести, генерално, за функционирање на државата, на системот, но добро е секој од нас да придонесе барем малку во таа борба со лажните вести, за да можеме да воспоставиме одбранбен механизам кој сите нас ќе нѐ штити“, порача министерот Спасовски.