Изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) ќе продолжи догодина, информираше денеска министерот за образование Јетон Шаќири на прес-конференцијата на која беше образложен буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за 2023 година.
Зградите на овие две високообразовни установи во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје започнаа да се градат пред шест години, но веќе три години не виделе работници ниту градежни активности откако изведувачот „Бетон“ од Штип отиде во стечај. Во меѓувреме, студентите на најбројниот факултет во земјава, ФИНКИ, предавањата и полагањата ги одржуваат во позајмени простории од други факултети во рамките на УКИМ, како Технолошко-металуршкиот, Педагошкиот и ФЕИТ.
За инвестиции во образовната инфраструктура за догодина се предвидени вкупно 18,3 милиони евра, односно 8,9 отсто повеќе средства од тековната 2022 година.
Покрај довршувањето на зградите на ФИНКИ и ФФОЗ, предвидено е да отпочне изградба и на објект за потребите на најмладиот државен универзитет – „Мајка Тереза“ во Скопје, кој исто така нема свои простории.
Министерот за образование најави дека догодина ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови, за кои Шаќири рече дека очекува да станат „современи и енергетски ефикасни“ во рок од триесеттина месеци.
Тоа значи дека реконструкцијата на државните студентски домови „Гоце Делчев“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Стив Наумов“, „Томе Стефановски Сениќ“ и „Пелагонија“ во Скопје, „Кочо Рацин“ во Битола, „Никола Карев“ во Охрид, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Браќа Миладиновци“ во Штип ќе биде завршена најрано кон крајот на 2025 година.
Ставките од буџетот на МОН кои ги засегаат студентите предвидуваат и 19,5 милиони евра за студентски и ученички стандард. Како што инфомираше Шаќири, овде спаѓа исплатата на стипендиите, вклучително и новите категории кои МОН ги воведе за првпат оваа година – за студентите запишани на студиски програми за преведување и толкување, оние на земјоделски, шумарски и ветеринарни науки, како и на програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија. Во оваа ставка се предвидени и партиципациите за студентите кои престојуваат во студентски домови, како и за други субвенции, меѓу кои и субвенционираниот студентски оброк.
За потсетување, субвенционираниот оброк до март ќе се исплаќа согласно минатогодишните услови, по што се очекува да се воведе ново системско решение. Студентите до март ќе добиваат по 120 денари дневно, средства кои ќе им се исплаќаат на месечно ниво, додека подоцна се очекува износот да се зголеми на најмалку 140 денари дневно.