Израел изврши воздушни напади во Либан, вели дека е во „нова фаза во војната“

Нападот доаѓа откако илјадници пејџери, воки-токија и други електронски уреди експлодираа низ цел Либан - загинаа 37 луѓе и најмалку 3.000 се здобиле со тешки повреди

-

Израел изврши воздушни напади во Либан, во кои беа уништени најмалку сто лансери за ракети како и складиште за оружја, пренесува Би-би-си.

Овој напад доаѓа ден откако израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави дека државата влегува во „нова фаза на војната“. Белата куќа и претставници од Велика Британија ургираат да се постигне примирје и да не се прошири конфликтот.

Нападот на Израел доаѓа откако во вторник и среда експлодираа пејџери, воки-токија и други електронски уреди низ Либан. Повеќето пејџери припаѓале на членови на военото крило на Хезболах, но многу од нив биле користени од професионалци како медицински лица. Израел сè уште официјално го нема коментирано нападот, но неколку извори за Ројтерс и други новински агенции тврдат дека Израел стои зад нападот.

Загинати се 37 лица, а најмалку 3.000 се здобиле со тешки повреди како последица на нападот.

„Симултаното таргетирање на илјадници поединци, без разлика дали се цивили или членови на вооружени групи, без знаење за тоа кој ги поседувал целните уреди, нивната локација и нивната околина во моментот на нападот, го прекршува меѓународното право“, коментираше Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк, кој додаде дека „ужасот и стравот“ кои нападот ги предизвикал се длабоки.

Либанскиот хирург Елијас Џарадех за Би-би-си изјави дека морало да работи „роботски“ за да може 24 часа непрекинато да оперира. Тој вели дека повеќето лица кои ги оперирал изгледале како цивили. Имало многу повреди во очите, како и на рацете – биле потребни ампутации.

„Мораш да се дисасоцираш. Мораш роботски да се пристапиш – така треба да се однесуваш, но внатре си длабоко повреден. Гледате како нацијата е повредена“, вели Џарадех.

Офталмологот Елијас Варак за Би-би-си Арабик изјави дека во една вечер требало да отстрани повеќе очи од што извадил во цела своја кариера.

Министерот за здравство на Либан Фирас Абијад изјави дека нападот бил воено злосторство.

„Целиот свет можеше да види дека овие напади се случија на пазари. Тоа не беа луѓе кои се бореа на бојното поле. Тие беа во цивилни подрачја со нивните семејства“, изјави Абијад, кој дополни дека сега сите жители на Либан треба „двапати да размислат“ пред да користат какво била технологија.

Лидерот на Хезболах Хасан Насралах изјави дека нападот врз Либан е ефективно „објава за војна“ од страна на Израел.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовиран стрипот „9 Животи“ од Антонио Аранѓеловиќ

Познатиот стрип автор и музичар Антонио Аранѓеловиќ, попознат како „Тонио Сан“ на 19 септември во просториите на Младинскиот културен центар Скопје (МКЦ Скопје) ја промовираше својата нова графичка новела...