Трамп се врати на Х, Илон Маск го интервјуираше

Со исклучок на една објава, Трамп немаше постирано ништо на својата корисничка сметка откако истата беше забранета во 2021 година, а потоа вратена во 2022 година, откако Маск го купи Х, поранешно Твитер

-

Доналд Трамп, поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори во ноември, беше интервјуиран од технолошкиот бизнисмен Илон Маск на неговата социјална мрежа Х, поранешно Твитер, пренесуваат Гардијан и Ал Џазира.

Интервјуто, кое беше поставено на профилот на Трамп, претставува негово враќање на Х, платформа на која тој се прослави со неговите многубројни објави за време на својата претседателска кампања во 2016 година, како и за време на неговиот мандат од 2017 до 2021 година.

Но, по упадот во американскиот Конгрес во 2021 година, Твитер, кој тогаш не беше во сопствеништво на Маск, му ја забрани корисничката сметка на Трамп. Од тимот на Твитер соопштија оти тој ги прекршил правилата на вебсајтот со тоа што повикувал на насилство, индиректно охрабрувајќи ги своите поддржувачи да се побунат за резултатите на претседателските избори во 2020 година.

Откако Илон Маск го купи Твитер во 2022 година (и го примени во Х), тој ја повлече забраната на профилот на американскиот претседател. Трамп сепак не го користеше акаунтот, со исклучок на една објава, кога го постираше портретот сликан по неговото апсење. Во сегашниот разговор со Маск, Трамп ги отвори вратите за тоа поредовно да го користи својот профил на Х.

Разговорот со Маск, кој јавно ја поддржа кампањата на Трамп, се соочи со технички проблеми. Тој беше поставен на новата експериментална аудио платформа на Х, наречена „Простори“ (Spaces). Разговорот започна 40 минути подоцна од предвиденото, и светските медиуми пренесуваа дека не можат да се приклучат на истиот. Маск најави дека ќе има ограничен број на слушатели и дека подоцна ќе се објави снимка од истиот.

Маск тврди дека Х била мета на хакерски напад, но не е сè уште јасно дали е тоа вистинската причина за техничките проблеми.

Во разговорот, Трамп и Маск ги поминаа речиси сите добро познати политички поенти на поранешниот американски претседател.

Трамп го започна разговорот со повторно прераскажување на обидот за атентатот на него и покрај тоа што на Републиканскиот национален конгрес, кога детално го прераскажа, рече дека само еднаш ќе зборува за него.

Потоа, Трамп ја сврти темата на разговорот кон имиграцијата во САД.

„Станува збор за луѓе кои биле во затвор за убиство и секакви работи, кои после ги пуштаат во нашата земја“, рече Трамп.

Гардијан потенцира дека постои обемен волумен на научна литература која покажува дека нема корелација меѓу имиграција и високи нивоа на криминал.

Потоа, Трамп ја нападна потпретседателката и демократската кандидатка Камала Харис, нарекувајќи ја „радикална левичарска лудачка“. Сепак, тој рече дека таа изгледала како „најубавата глумица на светот“ на нејзиниот портрет на списанието „Тајм“, споредувајќи ја со својата жена Меланија.

Кампањата на Харис ги критикуваше ставовите кои Трамп ги изрази за време на разговорот.

„Целата политика на Трамп е намената да им служи на луѓе како Илон Маск или како самиот тој – богати мажи опседнати со себе кои се подготвени да ја предадат средната класа“, рече Џозеф Костело, портпарол на кампањата на Харис.

Разговорот доаѓа откако Харис позитивно се покажа на последните анкети, особено во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин, клучни држави за освојување на американските претседателски избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...