Сојузот на средношколци подготви предлог за законско уредување на средношколската демократија

Лука Павиќевиќ
Лука Павиќевиќ, член на Извршен одбор на Сојуз на средношколци на РСМ / фото: лична архива

Сојузот на средношколци (ССРСМ) подготви предлог закон, според кој средношколското раководење и демократија ќе бидат токму во рацете на секој еден средношколец во државата. Според Сојузот, овој закон го регулира и демократизира ученичкото организирање за првпат во историјата на државата.

Од ССРСМ истакнуваат дека Законот за средното образование кој е донесен во 1995 година е менуван и дополнуван вкупно 32 пати, но до овој момент никогаш не биле спомнати средношколското организирање и демократија.

„Сојузот овој предлог ќе го достави до Клубот на млади пратеници, а под покровителство на Вестминстерската фондација за демократија (WFD) планирано е да организираме јавна расправа во Собранието, со цел секоја засегната страна да го каже својот став и ова решение да биде избрусено и рафинирано“, соопштуваат од Сојузот.

Оттаму истакнуваат дека предлог законот се повикува на веќе постоечките права и слободи на учениците, односно според Членот 15 од Конвенцијата за правата на детето се гарантира правото на здружување и мирно собирање

„Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање. Иако составен дел од македонскиот правен систем, досега ова право не било актуелизирано и преточено во правен акт“, истакнуваат од Сојузот.

Од ССРСМ велат дека  процесот на изработка и анализирање на овој закон влече подалечни корени и во голема мера документот се повикува на претходен предлог напишан и објавен од страна на Младинскиот образовен форум, но со одредени клучни реформи и новини, како и сознанија од компаративната анализа на Коалиција СЕГА.

Автор на законското решение е Лука Павиќевиќ, кој порачува дека Сојузот е на чекот да ја исполни најважната точка од изборната програма.

„Ми беше чест да бидам авторот на теоријата, набљудувачот на емпириката и писателот на нормата зад сосема новиов концепт на средношколска демократија“, вели тој.

Во август 2021 година Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Сојузот на средношколци ја лансираа заедничката иницијатива „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“, во која учествуваа претседателот на Републиката, граѓански активисти, експерти, ученици, професори од средните училишта, млади европски амбасадори и претставничката на УНИЦЕФ во земјата, кои ја поддржаа средношколската деморатија.

„Јасно е дека целокупната јавност, а најмногу средношколците, сакаат да ги видат учениците како активни индивидуи кои ќе ги застапуваат и бранат своите права и интереси. Познавањето на поделбата на власта на законодавна и извршна ни ги овозможува нашите права и слободи: следствено, овој предлог предвидува претставници на класови и претседател(ка) на ученички совет, со различни надлежности“, истакнуваат од ССРСМ.

Оттаму дополнуваат дека секој закон се однесува на локално, регионално и национално ниво, за конечно секое средно училиште да стане дел од приказната за средношколска демократија, која ќе создаде независен ученички совет во секое средно училиште во земјава.

Од Сојузот истакнуваат дека законските одредби ќе го заштитат автентичниот став на средношколците, значително намалувајќи го негативното влијание на политиката во средношколскиот сектор.

„Ученичкото учество и средношколската демократија се важни за да произведеме една свесна, информирана индивидуа која би се вклучила во демократскиот живот, водејќи се од чувството на должност и општествена одговорност. Можностите за средношколец да одбере кој ќе го претставува на сите нивоа се подобри од кога било. Гласот на поединецот вреди сè повеќе. Дојде времето за средношколска демократија“, заклучуваат од ССРСМ.

Според Член 6 од предлог законот на ССРСМ се очекува да стапи на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а да се применува од 1 септември 2023 година.