Арбреша Корча: Ако не реагираш или ако станеш дел од толпа кога некој е цел на булизам, е булизам

Извор на фотографија: Порталб.мк

Булизмот сам по себе е општествен феномен, но има психолошки последици. Кога велиме „булизам“ мислиме на повеќекратно штетно и агресивно однесување кон поединец од страна на група луѓе или дури и едно единствено лице, особено во присуство на други. Ваквите однесувања може да вклучуваат вербално вознемирување, навредливи гестови, притисок, а во потешки случаи и физичко насилство.

За Порталб.мк, психологот Арбреша Корча зборува за влијанието, последиците и спречувањето на булизмот.

Има неколку форми на булизам како што се: вербален булизам (навредуваме некого со навредливи зборови), физички (напад и физички удари врз жртвата), социјален (презир и присилно исклучување на жртвата од одредена група) и една од најчестите форми на булизам е електронскиот или сајбер булизмот (повеќекратно навредување, заканување и вознемирување извршено врз некое лице во електронска форма преку телефон, компјутер и главно во социјалните мрежи).

„Лице кое станува жртва на булизам секако покажува психо-емоционални последици од различни видови како што се страв, анксиозност, недостаток на самодоверба, затвореност во себе, депресија и во некои случаи дури и желба за само-повредување, особено ако се земе предвид дека значаен дел од жртвите на булизам се малолетни лица кои немаат соодветна емоционална зрелост да се справат со тоа. Овие последици можат да ги придружуваат во текот на животот доколку жртвите не добијат соодветна поддршка и третман. Сепак, многу е важно да се нагласи дека не само жртвата, туку и напаѓачот или лицето кое врши булизам е жртва на низа проблеми кои го турнале кон такво однесување“, вели Арбрша Корча.

Историски, вели Корча, е забележано дека лицето кое врши булизам има силни чувства на инфериорност кои настојува да ги прикрие напаѓајќи некој друг кој е на прв поглед послаб, особено кога е пред одредена група луѓе пред кои тој ќе ја покаже „неговата сила“ наспроти жртвата.

„Луѓето кои вршат булизам најчесто растат во нездрави семејни средини, каде може да има насилство, навреди, потценување. Ако зборуваме за третман, на двете страни им е потребна поддршка и третман, но ако се справиме со последиците од жртвите споменати погоре, проблемот со насилникот е подлабок бидејќи започнува во детството во семејството или средината каде што пораснал”, вели Корча.

Таа исто така истакнува дека емпатијата, кај лицата кои вршат булизам од различни причини, е ослабена и дека им е тешко да разберат дека нивното однесување и постапки се погрешни и истите не успеваат лесно да разберат како навистина се чувствуваат нивните жртви како последица на насилството што тие го вршат. Во суштина, вели Корча, тие имаат високо ниво на инфериорност и несреќност во однос на себе си, семејството или и околината околу нив и напаѓајќи друго лице кое може да биде послабо или ранливо ги прави да ги пополнат нивните празнини и да се чувствуваат супериорни во однос на жртвата, особено во случаи кога насилниците се поддржани и од други како на пр. нивните врсници.

„Кога ќе го впериме прстот кон себе, можеби голем дел од нас сме убедени дека никогаш не сме биле тие што вршеле булизам врз некого, односно дека повеќекратно сме се однесувале навредливо или агресивно кон некого. Сепак, да не се интервенира во моментот кога се врши булизам врз некој друг, да се стане дел од толпата што напаѓа или се смее, да се посвети внимание на навредливите коментари кон некого како во случаи со електронското малтретирање, само по себе е еден вид булизам и е познат како „пасивен булизам“, нагласи Арбреша Корча.

Според психологот, пасивниот булизам е она што најмногу го мотивира насилникот бидејќи личноста која врши булизам без внимание на другите ја губи „силата“. Доколку тоа не помогне за целосна елиминација на ваквите однесувања, сигурно е дека тие ќе бидат на пониски нивоа. Оттука, вели таа, многу e важно да им ја понудиме нашата помош и поддршка давајќи им можност да се изразат, да соработуваме со семејствата особено во случаите на помали возрасти, да ги насочиме кон стручни лица, да ги информираме за овие прашања. Најважно е да не молчиме за оваа појава.