Министерството за здравство (МЗ), соопшти дека според анализата на вакцинирани за ковид-19, во период од 6 август заклучно со 9 септември, повеќе од 26.000 луѓе биле дијагностицирани со ковид-19.
Од 26.053 граѓани позитивни на ковид, целосно вакцинирани биле речиси 20 отсто, односно 5.175 лица. За вакцинирани се сметаат лицата кои се примиле две дози вакцина и поминале најмалку 14 дена од втората доза.
Според статистиката за изминативе пет седмици, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.
Процентот на позитивни на ковид кои биле хоспитализирани во болниците е уште повисок и изнесува 84 отсто. Само 16 отсто од оние што лежат во болниците се целосно вакцинирани.
„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, се вели во соопштението од МЗ.