Распишани конкурсите за поезија и дизајнерско решение за манифестацијата „100.000 поети за промена“

фото: „100.000 поети за промена“ / Теодора Илиевска

Манифестацијата „100.000 поети за промена“ во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ ги распиша поетскиот и конкурсот за дизајнерско решение на постери и плакати за овогодинешното издание на Фестивалот.

Како што информираат организаторите, поезијата треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со глобалните и локалните промени. На овој конкурс можат да учествуваат автори од сите генерации, а секој автор може да конкурира само со една песна.

Постерите и плакатите, пак, ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој и мирот.

Песните и дизајнерските решенија треба да се испраќаат на Фејсбук профилот на манифестацијата или на мејл адресата [email protected] најдоцна до 31 август, по што ќе бидат разгледани од комисијата што ја одредуваат организациониот одбор на манифестацијата и здружението.

Селектираните автори од конкурсот за поезија ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, што ќе биде издаден како дел од оваа манифестација, а сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на фестивалот. Пристигнатите дизајнерски решенија, пак, ќе бидат дел од изложбата на манифестацијата која ќе се одржи на 25 септември во Струмица.

„100 Илјади поети за промена“ е манифестација од меѓународен карактер и веќе единаесетта година по ред се одржува во повеќе земји во Европа и светот, а Македонија е дел од истата уште од самиот почеток.