Анкета на „Младите можат“: Загадувањето најголем проблем за младите од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров

Скоро половината од младите испитаници на анкетата која ја спроведе граѓанската организација „Младите можат“ одговориле дека се делумно задоволни од животот во општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров. Од 2 до 11 проценти се изјасниле дека воопшто не се задоволни. Истражувањето било спроведено во ноември и декември 2020 година, со лица од 15 до 29 години, во трите општини.

„Генерално, во сите три општини за најголем проблем, младите ја сметаат загаденоста на животната средина. Во Аеродром овој процент е 62, во Карпош 42, а во Ѓорче Петров 28 отсто. Освен ова, проблем гледаат во лошата инфраструктура, недостаток на културни манифестации и места и слабата економија и невработеност“, истакна денеска на презентацијата на анализата од истражувањето, Анита Николовска, извршна директорка на „Младите можат“.

Во врска со прашањето кои две работи, младите сметаат дека треба да се подобрат во општините, 34 отсто од испитаниците во Аеродром одговориле загадениот воздух и 16 отсто одговориле пренаселеноста. Во Ѓорче Петров пак, 25 отсто се изјасниле за инфраструктура и 8 проценти за хигиената. Додека пак, во Карпош 12 отсто го посочиле проблемот со загадувањето на воздухот и 17 отсто со хигиената.

Сепак, младите дале и одговор што најмногу им се допаѓа во општините, а тоа во најголем дел се парковите кои варираат од 19 до 34 проценти, и зелените површини со 16 до 22 отсто.

Во однос на културата и спортот, најголем дел од младите скоро 40 отсто сметаат дека нема културни манифестации за млади во општините, како и непостоење на културен центар. Освен ова, тие посочуваат и на немањето игралишта и сали за спортски активности.

Над 80 остсто од испитаниците не знаат што е тоа младинска политика

За отвореноста на општините за иницијативи кои доаѓаат од млади, варира процентот во зависност од општината, односно мислењата се поделени. Процентот на негативен одговор, односно дека општините не се отворени одговориле од 38 до 69 проценти од испитаниците во трите општини. Додека пак, потврдно одговориле 37 проценти од испитаниците во Аеродром и 49 проценти од тие што одговориле во Карпош, а само 23 проценти во Ѓорче Петров.

Карактеристично е што над 80 проценти од младите во секоја од трите општини не знаат што е младинска политика. Додека пак, оние што одговориле потврдно, не го разбираат поимот во вистинска смисла.

Во врска со нивните потреби, односно можности за едукација и справување со кризата им се потребни на младите, а може да им ги обезбеди општината, најголем дел од младите, односно над 30 проценти од секоја во општините истакнале дека им се потребни бесплатни можности за работилници курсеви за развивање на вештини.

Истражувањето опфаќа шест области меѓу кои волонтирање и граѓански активизам, предизвици во општината, младински политики и застапување, предизвици на младите, отвореност и поддршка на општините за иницијатива на млади и младите во време на ковид-19 пандемијата.

На денешната презентација на анализата, се обратија и градоначалниците на Карпош и Ѓорче Петров, како и претставникот на Аеродром, Тане Димовски кои пред сè изразија благодарност за повикот на настанот, а подоцна дадоа коментар за анализата, но и за спроведените активности поврзани со младите. Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев го изрази своето задоволство за високите проценти на млади кои досега волонтирале на некаков начин во својот живот.

„Сепак, се согласувам со младите во врска со најголемите проблеми особено во делот на уличните кучиња, но и ме радува задоволството на младите за парковите и зелените површини, нешто во кое интензивно вложуваме, а дел од тие активности е и големиот парк во Карпош 4 што е на 70 илјади м2 на површина на поранешна депонија“, рече Богоев.

Најголем дел, сепак, би се отселилте кога би имале шанса

Тој ја искажа својата разочараност што сите досегашни истражувања покажуваат дека над 70 отсто од младите би сакале да си заминат од државата, за што тој рече дека институциите и општеството, пред сè мора да покажат праведна и правна држава што на младите ќе им овозможи сигурност дека тука може да живеат и просперираат, а нивниот труд да биде ценет.

Богоев порача дека е неопходно младинскиот сектор да биде гласен како што бил пред неколку години во периодот на Средношколскиот и Студентскиот пленум, кога младите ги истакнувале на површина младинските проблеми. Тој смета дека Карпош има „плодна почва“ за соработка со младите, а воедно апелираше до младите да ги следат повиците на општината за било какви активности што се поврзани со млади и да аплицираат, со цел да се зголеми соработката и нивното учество.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Николовски пак, рече дека е неопходно да се развие, односно да се децентрализираат активностите за млади и во приградските општини, имајќи предвид дека студентските домови, кафулињата, културните центри и сите останати простори за млади се во фокус на централните општини на градот, што пак кај младите има еден вид летаргичност и незаинтересираност за општини како Ѓорче Петров. Тој ги појасни идните инвестиции во општината кои се поврзани со млади, бидејќи како што констатираше тој, без младите нема развој.

Поради работни обврски, на настанот не присуствуваше градоначалникот на Аеродром, а во негово име се обрати претставник на општината.

„Она што ме загрижува од новиот Закон за младинско учество и младински политики е оној 0,1 процент од вкупниот буџет на општината што би требало да се одвои за младите, што реално е навистина малку, незначително и недоволно во насока за креирање младински политики. За нас, како една од побогатите општини тоа може да значи бидејќи ќе се одвојат повеќе средства, но не и за помалите односно помалку финансиски моќни општини во кои овие средства нема да бидат доволни. Поентата е сите заедно да издејствуваме да се зголеми тој процент бидејќи со повеќе финансиски средства, младите на тој начин би можеле да дејствуваат и да се слушне нивниот глас“ рече претставникот на Општина Аеродром, Тане Димовски кој на крајот заклучи дека една општина не ја прави целосната слика за младите во градот.

Проектот „Младински локални банки” има за цел да создаде механизам за соработка помеѓу властите и младите, што резултира со државно финансирање на младински проекти. Целиот процес за основање ќе трае една година (септември 2020 – септември 2021) и за тоа време ќе им овозможи на 30 учесници да дејствуваат како креатори на промени во нивните заедници, три општини во Скопје. Со обезбедување пристап и видливост до секојдневното функционирање на локалната власт, младите кои ќе бидат вклучени ќе станат уште помотивирани, вклучени и ќе развиваат начини на размислување со доза на одговорност и отчетност кон заедницата.

Целосната анализа од истражувањето може да се прочита на овој линк.