Фото: Арбнора Мемети

Шаќир Фетаху, досегашниот в.д. поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ) и муфтија на Гостивар, денеска беше избран за нов поглавар. Негов противкандидат беше муфтијата на Тетово Ќани Несими. Како што извести „Порталб.мк“, од 21 член на Ријасетот на ИВЗ, 18 гласале за Фетаху, а само тројца за Несими.

На изборот му претстоеше верификација на кандидатури, при што „поминаа“ двајцата кандидати, а комисијата во ИВЗ, поради неисполнети услови, не ја верификувала кандидатурата на поранешниот имам од Страчинци, Мухарем Емини.

Според Уставот на ИВЗ, Реис ул Улема е орган и поглавар на ИВЗ, кој го претставува верското единство на припадниците на исламот. Изборот на Реис ул Улема се врши во согласност со Правилник за избор на Реис ул Улема. Овој правилник се подготвува од Изборната комисија и се менува во секој изборен циклус.

За Реис ул Улема можат да бидат предложени и избрани лица кои имаат завршено исламски факултети, кои имаат десет години успешно работно искуство во редовите на ИВЗ и имаат над четириесет години.

Надлежностите на реисот:

  • ја претставува Исламската верска заедница во земјата и во странство;
  • дава мураселе (овластување) за вршење верски работи, без кое лицето нема легитимитет за такво нешто;
  • назначува декани, директори и наставници на образовни институции на ИВЗ и наставници по предметот вероисповед во јавните училишта;
  • ја организира и надгледува работата на професионалните служби на ИВЗ;
  • ги свикува и претседава со седниците на Ријасетот и се грижи за спроведувањето на неговите одлуки;
  • помеѓу два состаноци на Ријасетот, ги извршува потребните работи што се во надлежност на Ријасетот и го известува Ријасетот за тоа на следната седница;
  • ги потпишува актите на Ријасетот;
  • ги потпишува актите за вработување во ИВЗ;
  • ги посетува регионите каде живеат припадници на исламската религија за да се запознае директно со состојбата и да предлага мерки за развој и унапредување на верскиот живот;
  • има право да спречи извршување на одлуки на телата и институциите на ИВЗ доколку утврди дека тие се спротивни на исламските принципи и да ги врати на повторно разгледување, а конечната одлука ја донесува Ријасетот на ИВЗ;
  • ги прогласуваа одлуките донесени од Ријасетот на ИВЗ.

На 27 мај 2020 година, Ријасетот на Исламската верска заедница на вонреден состанок со двотретинско мнозинство го разреши дотогашниот поглавар Сулејман Реџепи. И покрај фактот дека Ријасетот не ги објасни причините за разрешувањето на Реџепи, оваа постапка се случи неколку дена откако Реџепи се ожени со 50 години помлада девојка, чин за кој се шпекулираше и имаше негативни коментари на социјалните мрежи и медиумите. Реџепи беше разрешен врз основа на член 58 од уставот на ИВЗ, во кој се вели дека претседателот на ИВЗ може да се разреши кога „тој не ги исполнува обврските за кои е избран, кога неговиот престој и работа е во спротивност со исламските норми и нормативни акти на ИВЗ, кога работи спротивно на одредбите и одлуките на надлежните органи на ИВЗ, кога ја злоупотребува својата позиција на штета на интересите на ИВЗ“.