Поглаварот на Исламската верска заецница Реис ул Улема Шаќир Фетаи го честиташе големиот муслимански празник Рамазан Бајрам посочувајќи дека најголемиот предизвик денеска е војната.

Ефенди Фетаи вели оти Рамазан нè учи дека војната е туѓа за исламот, додека мирот е најскапоценото нешто за човекот и дека целиот потенцијал на верникот треба да се стави во негување на мирот и благосостојба меѓу луѓето каде и да живеат и работат, бидејќи според исламот, да се спаси човечки живот е како да се спаси целото човештво, а да се убие човечки живот е како да се убие целото човештво.

Ефенди Фетаи, при празничната молитва синоќа во Саат-џамијата во Гостивар истакна дека светскиот мир е најскапото што можеме да го имаме и дека мораме да го ставиме целиот свој потенцијал во служба на негово одржување.

„Затоа, ние целосно се солидаризираме со украинскиот народ кој е жртва на невидена руска агресија која ги одзема животите на невини деца, жени и мажи и уништува сè, како и го загрозува светскиот мир“, рече ефенди Фетаи додавајќи дека преку молитвата ИВЗ сака да ја подигне свеста кај сите релевантни фактори во светот што поскоро да заврши оваа војна за доброто на народите и човештвото воопшто.

Покрај поглаварот на ИВЗ, честитки по повод големиот празник испратија и членовите на државниот врв, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека со заедничко празнување на овој, како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество.

„Ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение. Честит Рамазан бајрам на сите верници од исламска вероисповед“, рече Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски на сите припадници на Исламската вероисповед им упати најискрени честитки на верниците и им посака празничните денови на Рамазан Бајрам да ги поминат во радост и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила.

И претседателот на Собранието, Талат Џафери во име на пратениците и во негово лично име го честиташе првиот ден на големиот муслимански празник, Рамазан Бајрам. Тој додаде оти се надева дека празникот ќе поттикне меѓусебна почит, чувство на солидарност и хуманост.

„Ова се тешки времиња на искушенија за човештвото, кризите се надоврзуваат една по друга. Нека празникот нè сплоти сите во молитвите, нека донесе мир, хармонија и благосостојба за сите“, напиша Џафери.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на верниците им посака празничните мигови да им поминат во добро здравје и спокој, а нивните домови да бидат исполнети со радост и хармонија.

„Верата, солидарноста и човекољубието нека продолжат да ве водат во овие тешки времиња на предизвици, затоа што само така можат да се надминат заедничките проблеми кои сите ние заедно ги делиме и ги живееме“, рече Мицкоски.