Сегашниот В.Д. поглавар, Шаќир Фетаху е еден од двајцата кандидати за нов поглавар на ИВЗ, вториот е муфтијата на Тетово, Ќани Несими | Фото: Арбнора Мемети

На поранешниот имам од Страчинци, Мухарем Емини, не му е верификувана кандидатурата за реис на Исламската верска заедница на Северна Македонија, бидејќи не ги исполнува бараните услови. На изборите, што ќе се одржат утре во 10:30 часот, членовите на Ријасетот на ИВЗ ќе гласаат за двајца кандидати, муфтијата од Гостивар и сегашен В.Д. поглавар, Шаќир Фетаху и муфтијата на Тетово Ќани Несими, пренесува Порталб.мк.

Изборната комисија на ИВЗ одржа состанок за разгледување на пристигнатите кандидатури за изборите за Реис ул Улема. До нив, досега пристигнале три кандидатури, две се верификувани, една не, поради неисполнување на бараните критериуми.

„Имаше вкупно три кандидатури, една од кандидатурите, на Мухарем Емини, не беше верификувана поради недостаток на работно искуство во ИВЗ – бидејќи според Правилникот се потребни 10 години работно искуство. Кандидатурите на другите двајца беа верификувани“, вели за Порталб.мк, Селвер Џемаили, шеф на Кабинетот на поглаварот на ИВЗ.

Улогата и функцијата на реисот

Според Уставот на ИВЗ, Реис ул Улема е орган и поглавар на ИВЗ, кој го претставува верското единство на припадниците на исламот. Изборот на Реис ул Улема се врши во согласност со Правилник за избор на Реис ул Улема. Овој правилник се подготвува од Изборната комисија и се менува во секој изборен циклус.

Според член 36 од Исламската верска заедница на РСМ, Ријасетот на ИВЗ предлага, избира и разрешува Реис ул Улема.

За Реис ул Улема можат да бидат предложени и избрани лица кои имаат завршено исламски факултети, кои имаат десет години успешно работно искуство во редовите на ИВЗ и имаат над четириесет години.

Надлежностите на реисот:

  • ја претставува Исламската верска заедница во земјата и во странство;
  • дава мураселе (овластување) за вршење на верски работи, без кое се повлекува контекстот за легитимитет;
  • назначува декани, директори и наставници на образовни институции на ИВЗ и наставници по предметот вероисповед во јавните училишта;
  • ја организира и надгледува работата на професионалните служби на ИВЗ;
  • ги свикува и претседава со седниците на Ријасетот и се грижи за спроведувањето на неговите одлуки;
  • помеѓу два состаноци на Ријасетот, ги извршува потребните работи што се во надлежност на Ријасетот и го известува Ријасетот за тоа на следната седница;
  • ги потпишува актите на Ријасетот;
  • ги потпишува актите за вработување во ИВЗ;
  • ги посетува регионите каде живеат припадници на исламската религија за да се запознае директно со состојбата и да предлага мерки за развој и унапредување на верскиот живот;
  • има право да спречи извршување на одлуки на телата и институциите на ИВЗ доколку утврди дека тие се спротивни на исламските принципи и да ги врати на повторно разгледување, а конечната одлука ја донесува Ријасетот на ИВЗ;
  • ги декретира одлуките донесени од Ријасетот на ИВЗ.

На 27 мај 2020 година, Ријасетот на Исламската верска заедница на вонреден состанок со двотретинско мнозинство го разреши дотогашниот претседател Сулејман Реџепи. И покрај фактот дека Ријасетот не ги објасни причините за разрешувањето на Реџепи, оваа постапка се случи неколку дена откако Реџепи се ожени со 50 години помлада девојка, чин за кој се шпекулираше и имаше негативни коментари на социјалните мрежи и медиумите. Реџепи беше разрешен врз основа на член 58 од уставот на ИВЗ, во кој се вели дека претседателот на ИВЗ може да се разреши кога „тој не ги исполнува обврските за кои е избран, кога неговиот престој и работа е во спротивност со исламските норми и нормативни акти на ИВЗ, кога работи спротивно на одредбите и одлуките на надлежните органи на ИВЗ, кога ја злоупотребува својата позиција на штета на интересите на ИВЗ“.

Истиот ден, на местото на Реџепи беше назначен за в.д. претседател Шаќир ефенди Фетаху, кој ќе биде биде на чело на ИВЗ до назначувањето на новиот реис.