Сезонско зголемување на понудата на девизи од менувачи и истовремен пад на побарувачката на девизи од фирмите е забележано изминатиот месец, информираат од Народна банка.
– Трансакциите со физички лица, натамошното намалување на побарувачката и зголемувањето на понудата на девизи, придонесе банките да остварат релативно висок нето-откуп со овие клиенти. Поволните движења во трансакциите со клиенти придонесоа за подобрување на девизната ликвидност на банките, што доведе до зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар – информираат од Народна банка.
Од 25 јули Народната банка секојдневно интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи, при што заклучно со 8 август се откупени вкупно 48,3 милиони евра.
– Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар придонесоа за подобрување на денарската ликвидност на банкарскиот систем. Во такви околности и во насока на ефикасно управување со ликвидноста, банките ги зголемија пласманите во расположливи депозити кај Народната банка – велат оттаму.