fbpx

Кочовски: Состојбата во металургијата е драматично влошена

-

Состојбата во металургијата драматично е влошена од крајот на 2015 година. Ова денеска го истакна претседателот на Здржението на металургија, Митко Кочовски.

Причината за ова, како што вели тој, се глобалните пазарни (не)прилики, но и одредени системски недоследности во рамките на националната економија, кои продолжиле и на почетокот од оваа година.

– Најголемите индустриски капацитети работат со преполовен капацитет. На пример, во „Фени индустри“, како најголем производител на основни метали и воедно најголем нето-извозник во државата, производството е сведено на 50 отсто поради намалената берзанската цена на никелот.„Југохром фероалоис“ производството го почна од 1 март и тоа со две од седумте печки, односно со 30 отсто од расположивиот капацитет. Во „Бучим“ во последниот квартал од минатата година, поради неможност за редуцирање на производството поради природата на работата, работеа со однапред пресметана загуба. Во „Макстил“ веќе трета година по ред се работи со преполовен капацитет во валавницата и уште пониско производство на сопствен челичен полуфабрикат во челичарницата. Во „Арцелор Митал“ состојбите се помалку драматични, но со сериозни укажувања за нивно очекувано влошување во наредниот период. Намалено производство, што е присутно и во другите земји од регионот,  бележат и леарниците – изјави Кочовски.

Поради редуцирањето на производството во металуршките капацитети, засега нема отпуштање на работниците, но се поставува прашањето за нивно понатамошно опстојување.

Актуелните состојби ќе имаат силно негативно влијание не само врз металуршкиот сектор, туку и врз поврзаните индустрии и врз вкупните макроекономски движења во државата, бруто-домашниот производ, фискалните приходи, извозот, вработеноста.

– Во вакви неповолни движења во светски размери, владите на земјите производители на челик прават сериозни анализи и носат мерки за опстојување на секторот – вели Кочовски и додава дека петставниците на металуршкиот сектор ќе побараат од Владата да даде свое видување на идниот индустриски развој на државата.

Според нив, потребно е да се преземат системски мерки што би овозможиле рамноправни услови за развој на индустријата на основни метали и, како приоритет, дефинирање на мерки од интервентен карактер за ублажување на последиците од актуелните проблеми.

Нема оптимистички најави за надминување на неповолните состојби на глобален план до крајот на оваа година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...