Педесетина Роми, од кои повеќе од половината се деца, првиот ден од новата година го поминуваат на отворено откако рано изутрината, пред 5 часот, пламна зградата на поранешното невро-психијатриско одделение на Клиничката болница во Штип, во која привремено живеат.
Огнот пламнал од покривот и од влезната врата кога станарите спиеле, а 14 семејства брзо излегле надвор. Но, според нивното сведочење, огнот бил толку силен што брзо ги зафатил сите делови на зградата.
– Спиевме кога почна пожарот, истрчавме, повикавме пожарникари, ја исклучивме струјата. Пожарникарите дојдоа бргу, сега очекуваме од градоначалникот и од пратениците да ни помогнат. Немаме ништо, сè ни изгоре – рече Ербихан Демиров, еден од станарите.
Кога разговаравме со луѓето што останаа на улица, температурата беше два Целзиусови степени под нулата. Децата беа само во чевли, без чорапи. Имаше и жена во поодмината бременост, како и повеќе возрасни лица. Станарите се сомневаат дека пожарот е подметнат со бензин.
– Имаме проблеми со едно лице, со кое сме на суд за тепачка и тој е познат на полицијата. Тој нè маваше со камења и се закнуваше дека еден ден ќе нè запали. Еднаш нè нападна, ние му вративме во самоодбрана и сега сме на суд – рече Демиров.
Советничката Енисе Демирова беше единствената што ги посети и ги евидентираше семејствата што останаа без покрив над главата.
– На овие семејства како интервентна помош им требаат храна, облека и ќебиња. Ќе се обратиме до Црвениот крст и до сите што можат да им помогнат на овие луѓе, бидејќи оставени се на милост и на немилост. Педесет лица се надвор под ведро небо – рече Демирова.
Во една од опожарените простории, во ситен пламен догоруваше дел од мебелот. Пожарникарите само што завршиле со работа и си заминале. Еден од нив паднал на мразот и е пренесен во болница со скршени ребра.
Целиот комплекс каде се сместени Ромите, некогашни бездомници, е без струја и без огрев. Жителите апелираат што побргу да им се пушти струјата. Упатија апел за брзо привремено сместување.
Општината за нив планира изградба на социјална зграда во населбата Черења, за што е одредена локација, но од Министерството за транспорт и врски, според советничката Енисе Демирова, проектот не е прифатен.