fbpx

Изгоре привремениот дом за бездомници во Штип

-

Педесетина Роми, од кои повеќе од половината се деца, првиот ден од новата година го поминуваат на отворено откако рано изутрината, пред 5 часот, пламна зградата на поранешното невро-психијатриско одделение на Клиничката болница во Штип, во која привремено живеат.

Огнот пламнал од покривот и од влезната врата кога станарите спиеле, а 14 семејства брзо излегле надвор. Но, според нивното сведочење, огнот бил толку силен што брзо ги зафатил сите делови на зградата.

– Спиевме кога почна пожарот, истрчавме, повикавме пожарникари, ја исклучивме струјата. Пожарникарите дојдоа бргу, сега очекуваме од градоначалникот и од пратениците да ни помогнат. Немаме ништо, сè ни изгоре – рече Ербихан Демиров, еден од станарите.

Кога разговаравме со луѓето што останаа на улица, температурата беше два Целзиусови степени под нулата. Децата беа само во чевли, без чорапи. Имаше и жена во поодмината бременост, како и повеќе возрасни лица. Станарите се сомневаат дека пожарот е подметнат со бензин.

– Имаме проблеми со едно лице, со кое сме на суд за тепачка и тој е познат на полицијата. Тој нè маваше со камења и се закнуваше дека еден ден ќе нè запали. Еднаш нè нападна, ние му вративме во самоодбрана и сега сме на суд – рече Демиров.

Советничката Енисе Демирова беше единствената што ги посети и ги евидентираше семејствата што останаа без покрив над главата.

– На овие семејства како интервентна помош им требаат храна, облека и ќебиња. Ќе се обратиме до Црвениот крст и до сите што можат да им помогнат на овие луѓе, бидејќи оставени се на милост и на немилост. Педесет лица се надвор под ведро небо – рече Демирова.

Во една од опожарените простории, во ситен пламен догоруваше дел од мебелот. Пожарникарите само што завршиле со работа и си заминале. Еден од нив паднал на мразот и е пренесен во болница со скршени ребра.

Целиот комплекс каде се сместени Ромите, некогашни бездомници, е без струја и без огрев. Жителите апелираат што побргу да им се пушти струјата. Упатија апел за брзо привремено сместување.

Општината за нив планира изградба на социјална зграда во населбата Черења, за што е одредена локација, но од Министерството за транспорт и врски, според советничката Енисе Демирова, проектот не е прифатен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си. Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа...