Охрид догодина може да смета на буџет од 18 милиони евра. Советот на Општината ги изгласа и развојните програми за 2016 година.
За владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за функционален и одржлив буџет, буџет на можности, кој нема да создава нови долгови, а ќе може да ги покрива и старите.
– Со вака конципираниот буџет, со бројни активности и проекти, градоначалникот Бакрачеки и оваа администрација внимаваат да се најдат соодветен број средства, со кои Општина Охрид ќе ги покрива старите долгови, што е многу важно – појаснува секретарот на општината, Димитар Спасески.
За СДСМ, пак, новиот буџет е целосно неразвоен и нема да донесе ништо ново за Охрид.
– ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески апсолутно немаат равојна визија за Охрид, а тоа граѓаните одамна го знаат. Советничката група на СДСМ заедно со коалиционите партнери во континуитет тоа го кажува и должни сме денеска да истакнеме дека со буџетот за 2016 година ништо нема да се смени. Безидејноста на Бакрачески и на ВМРО-ДПМНЕ продолжува и за наредната 2016 година – вели Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.
Опозициските советници реагираа на програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Oхрид за 2016 година.
– Според буџетот за 2016 година, за некои урбани блокови во градот Охрид и за дел од селата, урбанистичките планови ќе бидат финансирани на сметка на општинскиот буџет, а за други села и урбани блокови граѓаните дополнително треба да издвојуваат свои средства и да ги платат самите урбанистичките планови. Тука ние гледаме една класична дискриминација на граѓаните и апсолутно не се поддржува граѓанскиот пристап во донесување на урбанистичките планови – вели Стојаноски.
За СДСМ не се прифатливи ни програмите на јавните претпријатија и програмата за работа во областа на располагањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Oхрид.