Ученици од Прилеп направија чоколадо со пробиотици, со изумот ќе одат на eвропско првенство

Нашиот производ е чоколаден пробиотик кој би имал за цел да го олесни патот на консумирање на таблетната терапија, со што создаваме една здрава навика, посебно кај младите, велат учениците

Победничкиот тим на Националниот натпревар. Фото: Училиште „Ѓорче Петров“, Прилеп

Тим ученици од прилепското училиште „Ѓорче Петров“ направиле чоколадо со пробиотик кое го произвеле со едноставна рецептура. Тие со нивната идеја победиле на последниот национален натпревар на ученички компании, организиран од организацијата „Џуниор Ачивмент Македонија“ со поддршка на УСАИД. Тимот составен од учениците Михаил Ангелески, Марија Ѓорѓиоска, Христина Димеска, Maрио Ујгуноски и Теа Манеска, под водство на менторката Христина П. Димеска, во јули заминува на европско првенство во Италија.

„Нашиот производ е чоколаден пробиотик кој би имал за цел да го олесни патот на консумирање на таблетната терапија, со што создаваме една здрава навика, посебно кај младите. Знаете, обично децата не сакаат таблети, па со овој производ тие полесно ги консумираат пробиотикот и витаминот Ц. Чоколадото е направено од какао, путер и пробиотик, збогатен со витамин Ц, со што се грижиме за здравјето и имунитетот на луѓето“, велат учениците.

Чоколадото e направено со едноставна рецептура: Фото: Училиште „Ѓорче Петров“, Прилеп

Професорката, нивната менторка Христина П. Димеска, вели дека задоволство било да се работи со ученици кои размислуваат иновативно и се полни со ентузијазам, особено кога станува збор за ученици од здравствената струка, бидејќи производот е поврзан со стекнување здрави навики во исхраната уште од најмала возраст.

„Желбата за успех секогаш постои кај учениците, посебно кога нешто смислуваат. На националниот натпревар за ученички компании учествуваа 24 ученички компании од повеќе градови на нашата држава. Учениците се натпреваруваа со компаниски извештај, видео, презентација, штанд и својата идеја ја бранеа со одговарање на прашања од стручна комисија на македонски и англиски јазик“, вели професорката.

Љупка Панчевска, извршната директорка на „Џуниор ачивмент“ вели дека веќе седма година се организира Национален натпревар на најдобри ученички компании.

„Со учество на ваков тип натпревари учениците се стекнуваат со претприемнички вештини, ставови и однесувања. Тие се поттикнуваат на креативно размислување и решавање проблеми. Покрај тоа се зголемуваат нивните комуникациски и презентациски вештини, лидерство и справување со ризици, тимска работа и доверба и став дека може да се постави целта и оствари награда“, вели Панчевска.

На годинешниот натпревар, второ место освои тимот „Тинтелект“ од средното училиште СЕТУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје, чија бизнис идеја нуди трансформативен образовен систем каде што учениците си помагаат едни со други преку размена на знаење, поттикнувајќи заедница на заеднички раст и можности.

Третото место го освои ученичката компанија „Innovate.it“ од средното училиште СЕТУГС „Михајло Пупин“ од Скопје, која работи на решавање на проблемот на милиони патници ширум светот со лесната и едноставна употреба на нивниот производ „Innoclean“.

Годинава се натпреваруваа вкупно 116 средношколци од 21 училиште од 12 градови од земјава, водени од 25 наставници. Најдобрите заминуваат на европско првенство кое ќе се одржи во јули во Италија.